Секое лето истите совети се повторуваат, пијте вода, останете во сенка, избегнувајте сонце напладне. Сепак, голем дел од грешките што ги правиме при екстремна жештина не се очигледни. Некои навики што делуваат логично како ладна вода, силна клима, отворени прозорци, всушност можат да го отежнат, а не да го олеснат справувањето на телото со високите температури. Еве десет најчести грешки, поткрепени со совети од стручни лица.
1. Чекање да ожедните пред да пиете вода
Жедта е доцен сигнал за дехидратација, во моментот кога веќе ја чувствувате, на организмот веќе му недостигаат течности. Правилото е едноставно: вода се пие редовно во текот на целиот ден, во мали количини, без разлика дали чувствувате жед.
2. Пиење студена вода
Логично изгледа дека студената вода побрзо лади, но вистината е спротивна. Студената вода предизвикува стеснување на крвните садови, што всушност ја намалува способноста на телото да ја ослободува топлината, а кај некои луѓе може да предизвика и шок во дигестивниот систем. Собна или благо разладена вода е подобар избор.
3. Алкохол и пијалаци со кофеин или шеќер
Летниот коктел или ладното кафе делуваат освежувачки, но и алкохолот, и кофеинот, и шеќерот имаат диуретично дејство, го стимулираат излачувањето течности преку мочниот меур и дополнително ја забрзуваат дехидратацијата, токму кога телото веќе губи вода преку потење.
4. Погрешно поставена клима
Идеалната разлика меѓу надворешната температура и онаа во просторијата е меѓу 7 и 10 степени, не повеќе. Најпрепорачана температура за клима-уред е меѓу 24 и 27 степени, при што околу 97 % од луѓето се чувствуваат удобно токму на 25 степени. Продолжена изложеност на температура под 23 степени може да предизвика проблеми со дишните патишта, а наглиот премин од силно разладена просторија директно на голема надворешна жештина претставува термички шок за организмот.
5. Отворени прозорци во погрешно време
Многумина ги оставаат прозорците отворени во текот на денот, верувајќи дека така проветруваат. Всушност, подобрата практика е спротивна, прозорците и ролетните да останат затворени во текот на најжешките часови, за да се спречи навлегувањето на топол воздух, а домот да се проветрува рано наутро или доцна навечер, кога надворешниот воздух е посвеж.
6. Оставање деца, постари лица или миленици сами во автомобил
Дури и краток престој во паркиран автомобил на жештина може брзо да стане опасен, температурата внатре во возилото расте многу побрзо отколку што луѓето претпоставуваат. Стручњаците се јасни, децата, постарите лица и домашните миленици никогаш не смеат да остануваат сами во возило, дури ни неколку минути.
7. Игнорирање на сигналите на телото за одмор
На одмор луѓето почесто ги игнорираат сопствените телесни сигнали, подолг престој на отворено, физичка активност во најжешкиот дел од денот и зголемена консумација на алкохол, комбинирани, значително го зголемуваат ризикот од топлотен удар токму во моменти кога луѓето најмалку го очекуваат тоа.
8. Заштита за глава и кожа
Шапка со широк обод, очила за сонце со УВ-заштита и крем со висок заштитен фактор не се опционални детали, туку основна заштита. Кремот за сончање треба повторно да се нанесува на секои два часа, а особено често доколку се потите или пливате.
9. Погрешно користење на климата во автомобилот
Штом ќе влезете во загреан автомобил, вклучувањето на климата на најниска температура веднаш не е решение, потребно е прво да се отворат прозорците на неколку моменти за да излезе врелиот воздух, а филтерот на климата треба редовно да се менува за да работи ефикасно. Валкан филтер или лоша циркулација на воздухот значително ја намалуваат ефикасноста на ладењето.
10. Тешки оброци и напорна активност во најжешкиот дел од денот
Обилен, тежок оброк во раните попладневни часови го отежнува варењето токму кога телото веќе се бори да се разлади, а интензивната физичка активност во периодот од 11 до 17 часот е еден од најчестите директни предизвикувачи на топлотен удар.
Кога сепак ќе се случи топлотен удар
Доколку некој покаже симптоми на топлотен удар – висока температура, конфузија, губење на свест – Институтот за јавно здравје советува веднаш да се повика 194 или 112, лицето да се пренесе во разладена просторија, да легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облоги и прскање со вода, без да му се дава каква било терапија пред да пристигне лекарска помош. Ако лицето е во несвест, треба да се постави во странична положба.