10 победи за правата на децата во 2024

На крајот на секоја година, „Хјуман Рајтс Воч“ прави пресек на напредокот во областа на правата на децата низ целиот свет. Од зајакнување на пристапот до образование до подобра заштита на децата за време на војна, еве неколку од најдобрите примери од 2024 година:

  1. Таџикистан и Лаос ја забранија телесната казна за децата, приклучувајќи се кон 65 други земји со такви забрани. Пет земји — Бурунди, Чешка, Киргистан, Шри Ланка и Уганда — се обврзаа да донесат законодавство за целосна забрана на телесната казна.
  2. Австралија одобри создавање на Приватен кодекс за деца на интернет, првиот закон за заштита на податоци на децата во земјата. Бразил ја забрани употребата на личните податоци на децата од компанијата „Мета“ за тренирање на нивната вештачка интелигенција, наведувајќи ризици од експлоатација и штета на децата.
  3. Маврициус почна да обезбедува три години бесплатно предучилишно образование и го прошири универзалниот додаток за деца, кој е клучен за намалување на сиромаштијата и зголемување на запишувањето во училишта.
  4. Во Јапонија стапи на сила нов закон за префрлување на илјадници деца од институции за грижа во семејни домови.
  5. Парламентот на Гамбија го одби предлогот за укинување на забраната за женско генитално осакатување донесена во 2015 година.
  6. Сиера Леоне донесе нов закон со кој се забранува детскиот брак. Во САД, државите Њу Хемпшир, Вирџинија и Вашингтон целосно го забранија детскиот брак.
  7. Сириската национална армија, недржавна вооружена група, потпиша акциски план со Обединетите нации за запирање на убивањето, осакатувањето и регрутирањето на деца.
  8. Руанда ја поддржа Декларацијата за безбедни училишта, со што бројот на поддржувачки земји достигна 120. Северна Македонија, Црна Гора и Косово ја поддржаа Политичката Декларација за ЕВИПА за заштита на цивилите од употреба на експлозивно оружје во населените места, главната причина за детски жртви во вооружените конфликти.
  9. Советот за човекови права на ОН одлучи да разгледа нов меѓународен договор кој ќе го признава правото на секое дете на рано детско образование и ќе гарантира бесплатно државно предучилишно и средно образование за секое дете. Владите се согласија на историска одредба: првпат децата ќе учествуваат во развојот на овој нов меѓународен закон.
  10. Меѓуамериканскиот суд за човекови права донесе пресуда во корист на 57 деца и нивните семејства во случај против Перу, утврдувајќи дека владата го прекршила нивното право на здрава животна средина со дозволување токсични загадувачи. Судот нареди владата да обезбеди бесплатна здравствена заштита за жртвите, да исплати компензација за сериозните здравствени штети и да ги исчисти контаминираните области.

Правата на децата сè уште се загрозени низ светот, но овие успеси покажуваат дека вистинскиот напредок е можен.

Време е да се бориме за подобар свет за најмладите – секоја акција значи иднина!

е-Трн да боцка во твојот инбокс