Апликации за запознавање: Проклетство или благослов?

Фото: ROBIN UTRECHT/picture alliance

И порано, луѓето со помош бараа партнер – од селски стројници преку младински клубови, договорени состаноци, огласи во весници. Но, интернетот и паметните телефони направија револуција во потрагата по партнер за сексуален или романтичен контакт.

Психологот Пиа Кабич од Берлин, која е специјализирана за посредување со партнери, вели дека во голем број земји таканареченото онлајн запознавање станало дел од секојдневниот живот, особено за помладата генерација.

Овогодинешното истражување покажува дека четири петтини од луѓето на возраст меѓу 16 и 29 години веќе закажале состаноци преку интернет. Во случајот на постарата генерација (помеѓу 30 и 49 години), тоа изнесува две третини од испитаниците, вели Кабич.

„Покрај тоа, најголемиот број парови денес всушност се среќаваат на интернет“, тврди овој психолог.

Така се запознале Бразилката Џована Идалго Занфорлин (31) и нејзината девојка Јулијана. Бразилката вели дека закажувањето состанок преку апликации или платформи често е површно, но и практично.

„Не мора да одите некаде за да запознаете некого. И веднаш знаете каква сексуална ориентација има таа личност“, вели Џована.

Алгоритмот одлучува

Платформите како Тиндер, Бамбл или Гриндр работат едноставно. Корисникот го креира својот профил со фотографија и информации за себе, како и каква личност бара. Алгоритмот ги совпаѓа корисниците врз основа на местото на живеење, преференциите и интересите.

Фото: Dominic Preston / Foundry

Водечка компанија на пазарот е Тиндер, основана пред единаесет години. Апликацијата дава предлози со профили кои би можеле да бидат од интерес за корисниците.

Тие ги селектираат предлозите, со влечење лево ако не им се допаѓаат или десно ако им се интересни. Оние корисници кои меѓусебно повлекле десно, добиваат можност да започнат разговор.

Но, можноста за „софпаѓање“ во реалноста не значи дека всушност ќе се воспостави контакт, или дека нема да биде прекинат по размената на неколку безначајни пораки.

Кога пред неколку години беше објавено дека Тиндер го користи таканаречениот „Elo-Score“ за да ја мери привлечноста на корисниците, тоа предизвика негодување.

„Човекот се продава како на пазар“

Алфонсо Росалес Гарсија (29) од Шпанија дошол во Берлин пред две години. Ја користи апликацијата „Hinge“, но ја критикува и површноста на ваквите апликации: „Чудно е, понекогаш се чувствувам како да морам да се продадам на пазар“.

Тој психотерапевт укажува на парадоксот на апликациите за запознавање – ако работат добро, брзо ги губат своите корисници. „Понудувачите сакаат да направат бизнис од средба со луѓе. Да не беше така, немаше да им нудат на корисниците поголема видливост за пари“.

Другите корисници се исто така фрустрирани од некои аспекти на електронската „размена на партнери“. Тоа може да го потврди и Пиа Кабич. Таа го напиша бестселерот „Тоа е рандеву!“ Таа смета дека проблемот не е само во апликацијата.

„Корисниците сами одлучуваат како ќе ја користат апликацијата и какви познанства ќе произлезат од неа. Ова е често местото каде што лежат причините за фрустрација. Корисниците ги прелистуваат профилите и потоа се жалат на површноста“ вели таа.

Ваквите познанства имаат и други темни страни. Како и со другите социјални мрежи, постои потенцијал за зависност. Некои корисници не можат да се оттргнат од апликацијата со часови поради навидум бескрајните можности. Секоје „софпаѓање “ е нова доза на допамин за мозокот.

Менталните проблеми може да се зголемат

Ако изборот на достапни профили е преголем, може да го преоптерети и исцрпи корисникот. Во англосаксонската психологија ова се нарекува „Ефект на замореност од избор“. Со други зборови, човекот е проколнат со вишок на можности.

Како што во голем град поради мноштвото сензации и лица се намалува можноста да забележите некого, така и со големиот број на понудени профили се намалува трпението и вниманието кое се посветува на секој следен контакт.

Постојат и студии кои покажуваат дека ваквите апликации предизвикуваат стрес и незадоволство, а во некои случаи ги влошуваат психолошките проблеми.

Елиас Абуџауд, професор по психијатрија на Универзитетот Стенфорд, анкетирал 1.300 корисници на апликацијата Тиндер. На медицинскиот блог на Универзитетот, тој објави во јули: „За луѓето кои се соочуваат со психолошки проблеми, ‘онлајн запознавањето’ не изгледа како ефикасен механизам за справување“.

Абуџауд се занимава со проблематично користење на Интернет веќе петнаесет години и гледа сличности со другите социјални мрежи кои можат да предизвикаат болести како депресија, анксиозност и намалено чувство на самодоверба.

За да се избегнат негативните ефекти, некои платформи веќе размислуваат за одредени мерки. „OKCupid“ бара од корисникот да пополни многу детален прашалник, за да може апликацијата подобро да ја прилагоди работата на корисникот.

„Once“ на пример нуди само еден контакт дневно, наместо многу понуди кои го задржуваат корисникот со апликацијата со часови.

Класа, а не маса

Корисниците исто така можат да направат нешто против фрустрацијата и нездравото користење на апликацијата. Кабич советува да се разјасни што точно се бара. Корисниците мора да одвојат доволно време за да ги проучат профилите што им се нудат.

Ако на корисникот му се случи некој да го прекине контактот со него без да каже збор или да добие неколку лајкови, тогаш мора да си каже дека она што е „отфрлено“ не е тој како личност, туку многу мал дел што се нуди за гледање на апликацијата.

Кабич го знае и потенцијалот за зависност на овие апликации: „Еднаш дури пропуштив станица, бидејќи чачкав на Тиндер“.

Таа советува да правиме редовни паузи во користењето на апликацијата, особено ако чувствуваме дека мноштвото понуди не преопретеруваат.

Свесниот однос кон ваквите апликации може да биде одлучувачки за тоа дали навистина ќе сретнеме некој што ни одговара или само ќе си го губиме времето.

Извор: DW

е-Трн да боцка во твојот инбокс