Чарлс Трети беше и официјално крунисан за крал на Обединетото Кралство и Комонвелтот со раскошна церемонија каква што не се одржала од 1953 година. На церемонијата присуствуваа повеќе од 2300 гости и повеќе од 100 лидери на држави, меѓу кои беше и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Церемонијата за крунисување, освен со традицијата, беше одбележана и со облеката која ја носеа присутните. Тонот го поставија кралот и кралицата во кралската регалија, но вниманието го украде Пени Мордоунт, која стана првата жена која го презентираше мечот на кралот.
Присутните гости, иако беше врнежливо, претежно беа облечени како за летна свадба, а помеѓу тие кои беа поразлични и кои го привлекуваа вниманието на фоторепортерите беше јужноафриканската сопранистка Прети Јенде, која за време на церемонијата пееше облечена во сончева жолта тоалета со раменици во форма на пеперутка од францускиот дизајнер Стефан Ролан.

Леќите на фотопаратите беа свртени и кон Кети Пери која беше облечена во розова сукна и изглед посветен на покојната Вивиен Вествуд.

Кети Пери се најде и на мета на корисниците на социјалните мрежи откако брзо се прошири едно видео во кое таа не може да си го најде нејзиното место.
Katy Perry looking for her seat at the #Coronation 😭 pic.twitter.com/XimkW5Nv7L
— Kandy 🖤🃏 (@zourkandy) May 6, 2023
На церемонијата присусвуваа и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски и првата дама, Елизабета Ѓоргиевска, на покана на од британската круна. Ѓоргиевска беше облечена во миди класичен фустан со наметка во бургунди боја.

Долгата церемонија беше премногу за принцот Луис, најмалиот син на Кејт и Вилијам. Нему му беше очигледно досадно и се прозеваше, гледаше во таванот и оговараше со неговата постара сестра по што неговата дадилка мораше да го извади надвор за да се смири.

На социјалните мрежи вниманието го привлече и едно видео од вознемирен коњ, кој беше дел од кралската поворка кој почна да скока наназад и удри во заштитната ограда, а потоа и во публиката. Британските минути сепак објавија дека во овој инцидент нема повредени.
A horse rammed into a barrier during the Coronation procession after being spooked pic.twitter.com/pj4iVVYAjJ
— OK! Magazine (@OK_Magazine) May 6, 2023
Крунисувањето на Чарлс Трети сепак не помина и без протести на групи кои се против монархијата и кралското семејство. Тие со транспаренти „Укинете ја монархијата“ и „Не е мој крал“ го исвиркаа Чарлс Трети и моментот на крунистувањето. Како што објавија британските медиуми повеќе од 50 лица биле уапсени за нарушување на јавниот мир.
Водечката група против монархијата во Обединетото Кралство која е наречена Република обвинија дека крунисувањето на Чарлс Трети е под пресилно полициско присуство и дека не може Обединетото Кралство да се нарекува слободна држава, доколку граѓаните го немаат правото на слободен протест.

Полицијата објави соопштение вечерва во кое кажаа дека добиле разузнавачки информации во петокот кои укажуваат на тоа дека групи и поединци планираат да користат и фрлаат аларми за силување за да ја попречат поворката за крунисување.

„Три лица беа запрени од полицајци и уапсени во областа Сохо [во петокот] под сомнение за заговор за извршување јавна непријатност. Меѓу запленетите предмети има и голем број аларми за силување“, се вели во соопштението.
Групите кои се против монархијата реагираа на апсењата и исткнаа дека ваквите потези на полицијата и државата се на чекор од тоталитарен удар врз слободата на говорот и сите форми на изразување незадоволство.