Цел март во Скопје ќе се слават денови на Франкофонијата

Со богата филмска програма, концерти и изложби во Скопје од 1 март до почетокот на април, а на 4 април и во Битола ќе се слави Празникот на Франкофонијата. Македонија е полноправна членка на оваа Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006, а во неа се обединети 88 земји.

Отворањето е на 1 март со проекцијата на филмот „Страста на Доден Буфан“ на режисерот Тран Ан  Хунг во киното Милениум, а меѓу настаните, Бештел најави и дека ќе има Собрание на млади франкофони, концерт на швајцарскиот бенд „Хубрис“, Недела на франкофонски филм, финале на натпреварот по изразно читање, изложба во соработка со Националната галерија на Македонија, „Париски рефлекси 3“, музичка вечер „Вино и музика“.

Во Битола на 4 април ќе има Француска вечер на џез фестивалот во Битола со триото на Никола Гардел.

Како што посочи на прес-конференцијата амбасадорот на Франција во земјава Сирил Бомгартнер, Франкофонијата е пред се јазикот, поточно францускиот јазик којшто го зборуваат повеќе од 320 милиони луѓе во светот, и со тоа е петти најзборуван јазик во светов.

-Францускиот јазик е јазик на културата, јазик на уметноста, јазик на умешноста на живеење, јазик на гастрономијата. Но, францускиот јазик е исто така и јазик на правото, деловен јазик и еден од двата работни јазици на ЕУ. Станува збор за убав јазик, но исто така и прецизен јазик и јазик којшто е корисен во деловниот свет, во правниот свет, во администрацијата, рече Бомгартнер.

Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006, а во неа се обединети 88 земји. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс