Цело Скопје – антифашистички град

Денес се одбележуваат 83 години од формирањето на Првиот Скопски Народноослободителен Партизански Одред, прва партизанска единица на Народноослободителната Војска на Македонија. Формиран на 22 август 1941 година кај месноста Чифлик, во близина на Градскиот парк во Скопје, одредот претставува симбол на отпорот против фашизмот и почетокот на вооружената борба на македонската територија.

Одредот се состои од 12 или 13 борци, претежно од постојните скопски диверзантски групи, и во текот на своето постоење кон одредот се приклучуваат вкупно 42 борци од различни етнички позадини: Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси. За жал, 17 од нив ги губат своите животи во текот на борбата, а тројца, Раде Јовчевски-Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски, по војната се прогласени за народни херои на Југославија.

На 7 октомври 1941 година, еден од најистакнатите борци, Благоја Деспотовски – Шовељ, добил задача да ликвидира фашистички агент и домашен предавник, Мане Мачков, кој одиграл значајна улога во провалата на партиската организација и апсењето на многу партиски кадри. Заедно со Александар Смилковски – Жухрај, Деспотовски го извршил обидот за ликвидација, кој завршил неуспешно. При бегството, Деспотовски, свесен дека е опколен, ја активирал бомбата и го завршил својот живот, одбирајќи смрт пред да падне во рацете на непријателот. Во негова чест, една улица во Скопје го носи неговото име.

Првиот Скопски Партизански Одред, иако дејствувал кратко, до 2 ноември 1941 година, има огромно значење за отпорот во Скопје и Македонија.

Фотограф: Ангел Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс