Дваесет и осум талентирани средношколци од земјава учествуваат на светските олимпијади по биологија, математика, хемија и физика во Астана во Казахстан, Бат во Англија, Хонг Конг во Кина, Ријад во Саудиска Арабија, Исфахан во Иран и Кутаиси во Грузија.
Иако овие ученици ја претставуваат Македонија во најдобро светло пред светот, сепак државните институции не им помагаат, па тие самите си ги покриваат трошоците за превоз до далечните земји.
Изминатиот месец тие се обидуваа да најдат донатори кои ќе им помогнат да ги поднесат трошоците за нивните патувања и материјали потребни за успешен настап.
Изостана поддршката од државните институции која беше достапна до лани
Од Министерството за образование и наука велат дека не може да им се помогне на средношколците, бидејќи согласно Законот за средно обраозвание тие може да дадат само стипендии доколку освојат едно од првите три места, а не и да им помогнат да учествуваат на натпреварите.
Средношколците оваа година нема да ја добијат ни досегашната поддршка од Агенцијата за млади и спорт, поради системските трансформации. Досега АМС им рефундираше дел од парите по завршувањтео на натпреварите.
Исто така оваа година ја нема ни поддршката од ТИРЗ, која лани купи авиобилети за младите математичари и физичари да стигнат до Јапонија.
Од МОН најавија дека ги разгледуваат барањата на средношколците и дека допрва ќе работат на ново законско решение, со кое ќе предвиделе одредби за надомест на патни трошоци и трошои за котизација за учество на меѓународни научни олимпијади.
55 илјади евра за да ја претставуваат државата собрани со приватни донации
Вкупната сума на средства која сите средношколци и организации ја бараа за учество на овие натпревари изнесува околу 55 илјади евра за покривање на трошоците за превоз, котизација, визи и обезбедување на материјали за довршување на подготовките.
Сепак и покрај игнорирањето од државата и државните институции, талентираните средношколци остваруваат одлични успеси на научните олимпијади и ја претставуваат земјава во најдобро светло. Досега младите биолози беа на натпревар во Казахстан, математичарите во Велика Британија, а друга екипа заминува за Хонг-Конг. Хемичарите отпатуваа за Саудиска Арабија, физичарите беа во Грузија, а сега се во Иран. Со септември информатичарите ќе одат за Египет.
Златни медали патуваат кон Македонија од сите краеви на светот
Во медиумите изминатиов период изобилуваат наслови кои ги слават успесите на талентираните средношколци, а граѓаните на социјалните мрежи се гордејат со овие постигнувања.
13-годишниот Дарјан Мирчевски беше едиснтвениот учесник од Македонија на математичката олимпијада „Коперникус“ на Универзитетот Колумбија во Њујорк, каде што се закити со златен медал. Дарјан е ученик во основното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје и во Њуорјк се натпреваруваше со 60 финалисти од 34 различни држави ширум светот. Во неговата категорија, за шесто и седмоодделенци, покрај Дарјан, златен медал освоија и математичари од Јапонија, Казахстан, Велика Британија и Монголија.
Јан Стојановски го освои првиот златен медал за Македонија на осмата Европска олимпијада по физика која се одржа во Кутаиси во Грузија од 15 до 19 јули. Тој е ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, а покрај него на олимпијада учествуваа и добија пофалници и Матеј Гелев од истото училиште, како и Емилија Николовска од Математичко-информатичката гимназија во Скопје и Димитриј Анѓеловски од СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје, а успешен настап имаше и Дамјан Стојанов ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје. На Европската олимпијада во Грузија учествуваа натпреварувачи од 54 држави, а секоја држава имаше право да учествува со тим од 5 ученици.
Дамјан Давков освои златен медал, додека Алексиј Тасиќ и Леонид Тодоровски освоија бронзени медали на 65. Меѓународна математичка олимпијада што се одржа во Бат, Велика Британија. Никола Цветаноски, Бранко Јангеловски и Ивано Божиновски освоија пофалници. Нашата репрезентација на олимпијадата беше водена од менторите Илија Јовечвски од Институтот за математика од ПМФ и Мирко Петрушевски од Машинскиот факултет, како членови на Сојузот на математичари на Македонија, кои се организиратори на учеството на Македонија на овој натпревар. Тие се натпреваруваа во конкуренција од 609 математичари од 109 држави од целито свет.