Дуковски и Поповски со „Последниот балкански вампир“ во Нови Сад

„Намерата ми беше едноставна – да напишам комичен и забавен текст од ова балканско милје на митови, легенди и суеверија во манир на непостоечка, и по малку апсурдна турлитава драматургија – со пеење и гризење. Не знам кое е огледалото на стравовите во кое денес не го гледаме сопствениот вампиризам“ – вели авторот Дејан Дуковски.

Новата претстава на Дејан Дуковски „Последниот балкански вампир“ ќе ја има својата премиерна изведба во среда, на 17 мај во 19 часот и 30 минути на сцената „Пера Добриновиќ“ во Српскиот народен театар. Оваа комедија прикажува црн хумор, во режија на Александар Поповски, и во фокусот има еден вампир.

Претставата е во копродукција на Српскиот народен театар и Центарот за развој на визуелната култура. Во претставата играат Тања Пјевац, Ненад Пеќинар, Милован Филиповиќ, Марко Марковиќ, Игор Павловиќ, Милорад Капор, Душан Јакишиќ, Бранислав Јерковиќ, Вишња Обрадовиќ, Јована Балашевиќ и Јована Стипиќ Радошевиќ.

Во врска со претставата авторот Дејан Дуковски за српските медиуми напиша – „Со мотивот на вампиризмот на овие простори прв пат почнав да се занимавам кон крајот на далечните осумдесетти, кога напишав студентски текст со наслов Последниот балкански вампир. Оттогаш имам идеја да се создаде претстава на таа тема со режисерот Поповски. И сега се случи. Мотивот и насловот останаа од мојот стар текст, а јас го напишав ова парче кое од повеќе агли ја допира темата за вампиризмот на времето во кое живееме…

Намерата ми беше едноставна – да напишам комичен и забавен текст од ова балканско милје на митови, легенди и суеверија во манир на непостоечка, и по малку апсурдна турлитава драматургија – со пеење и гризење. Не знам кое е огледалото на стравовите во кое денес не го гледаме сопствениот вампиризам. Текстот не дава дијагноза на овој вампиризам, ниту бара некои паралелни метафори со денешните вампири, демони и зли духови од времето во кое живееме, но се надевам дека ќе ги допре нервите на нашите денешни потсвесни пагански стравови и ниски страсти…“

Режисерот пак, Александар Поповски, го надополнува Дуковски и потенцира- „ Кога првпат направив претстава на тема Дракула и вампири, судбината ме спои со човек роден на истото место како Влад Цепеш, попознат како Дракула. Човекот ми го покажа портретот на Владо Цепеш и гордо ми го покажа својот профил. Тоа беше истата личност. Го замолив да ми каже сè за вампирите. На тоа тој скокна и почна да ме навредува, дека не знам ништо, дека Романија никогаш немала вампири и дека Влад е голем владетел и човек.

Подоцна дознав дека тој беше во право, Романија нема вампири во својата митологија, а тоа го доби благодарение на Брам Стокер кој го промени својот роман, првично наречен Гроф вампир, во гроф Дракула поради списите што ги најде поврзани со Влад Цепес. Но…имаме вампири. Трите граници на Македонија, Србија и Бугарија содржат приказни за вампири во нивните митови и фолклор. Нашите вампири се малку поинакви од класичните. Пеат и играат по покривите и се серат низ оџаците и спијат со стоката…

Марко Цепенков има приказна за познатиот ловец на вампири од Прилеп. Неговото име е Курта и, како што вели легендата, тој е роден од татко вампир. Дејан Дуковски го напиша првиот текст на тема Курта уште додека беше на академијата. Во ова наше време „што излезе од зглоб“ често слушаме дека нешто се вампирило. Дека луѓето не спијат, дека владее страв и немир. И како што обично се случува, за секоја болест има лек. Курта! Така, се договоривме да го вратиме митолошкиот херој во живот и да му дозволиме да се бори со вампирите околу нас“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс