Парадоксот на северот: Финците се најсреќната нација на светот, но државата тоне во долгови

Финска, најсреќната земја на светот, се соочува со тешка зима и строг буџет поради растот на јавниот долг на 90,3% од БДП. Владата планира заштеди од 9 милијарди евра, што ќе ги погоди јавните услуги.
Фото: Helsinki City Museum, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Финска, земјата која девет години по ред е прогласувана за најсреќна на светот, се соочува со најави за тешка зима и најстрог буџет во последните неколку години, насочен кон големи штедења. Во пресрет на изборите во април, дебатата не се води околу тоа дали ќе има кратења, туку кои услуги, социјални давачки и пензии ќе бидат најсилно погодени. Финските показатели за долгот и дефицитот се најлоши од 1990-тите, кога колапсот на банкарскиот систем и распадот на Советскиот Сојуз, тогаш клучен извозен партнер, предизвикаа длабока економска криза, пишува Дојче веле (DW).

Финскиот статистички завод минатиот месец потврди дека јавниот долг во вториот квартал достигнал 90,3 проценти од БДП, додека пред пандемијата изнесувал околу 65 проценти. Една од причините лежи на истокот: по влезот во НАТО, поттикнат од руската инвазија врз Украина, Финска ги зголеми трошоците за одбрана.

Покрај тоа, Хелсинки се соочи со значително повисоки трошоци за енергија откако ја прекина зависноста од Москва, од која набавуваше околу една третина од енергенсите. Сепак, финската влада троши повеќе отколку што приходува уште од финансиската криза во 2008 и 2009 година, делумно поради стареењето на населението и бавниот економски раст. Државната финансиска управа минатиот месец прогнозираше дека буџетскиот дефицит во 2026 година ќе изнесува 4,2 проценти од БДП.

Брисел бара од Хелсинки намалување на новото задолжување бидејќи правилата на Европската Унија наложуваат дефицитот да не надминува три проценти од БДП. Европскиот совет во јануари покрена постапка и ѝ даде рок на Финска до крајот на 2028 година да се усогласи со таа цел. Владата на премиерот Петери Орпо, која стапи на должност во јуни 2023 година, планира да заштеди околу девет милијарди евра во тековниот мандат. Економистите предупредуваат дека следната влада, без оглед кој ќе победи на изборите, ќе мора да спроведе значително поголеми кратења.

„Проценките во моментов се движат меѓу осум и единаесет милијарди евра“, изјави за DW Јарко Кивисто, советник во одделот за монетарна политика и истражување при Централната банка на Финска. На почетокот на годината сите политички партии, освен една, се согласија да го поддржат фискалното правило со кое идната влада се обврзува до 2031 година да го ограничи буџетскиот дефицит меѓу два и 2,5 проценти од БДП.

Конзервативната Национална коалиција (Коокомус) на Орпо е единствената партија која ветува дополнителни заштеди од девет милијарди евра доколку освои втор мандат. Орпо планира натамошни кратења во здравството, негата и социјалната заштита, како и мерки во стручното пензиско осигурување, но без намалување на постојните пензии. Додека социјалдемократите предлагаат товарот од реформите да се распредели меѓу намалување на расходите и зголемување на даноците, Орпо сака целта да ја оствари без покачување на даноците, што би значело дека најголемиот товар ќе го понесат јавните услуги. Кивисто сепак предупреди: „Дефицитот е толку голем што би бил потребен пакет мерки кој вклучува и зголемување на даноците и намалување на расходите“.

Иако стапката на ризик од сиромаштија во Финска е под просекот на ЕУ, земјата има една од повисоките стапки на невработеност во Унијата. Во август, според Евростат, таа изнесувала 10,3 проценти, незначително повисока од онаа во Шпанија (10 проценти). Младинската невработеност достигнала 23,3 проценти, додека просекот на ЕУ изнесува 15,4 проценти. Лаури Олапа, директор на Финскиот центар за нови економски анализи, предупреди дека новиот бран на штедење би претставувал тежок удар за домашната економија бидејќи потрошувачката на домаќинствата веќе бележи пад.

„Повеќе од четвртина од населението работи во јавниот сектор; ако на тие работници им се заканат откази, стапката на штедење ќе порасне, а приватната потрошувачка повторно ќе се намали“, изјави Олапа за DW. И покрај низата оптоварувања, од пандемијата и повисоките камати до последиците од двете војни, нацрт-буџетот за 2027 година сè уште предвидува дефицит од 12,4 милијарди евра.

Финска уште пред војната во Украина се обврза да купи 64 борбени авиони F-35A од САД за околу 8,4 милијарди евра. Во текот на војната во Украина, која трае повеќе од четири години, Финска ги зголеми воените расходи од 4,5 на повеќе од осум милијарди долари годишно, покажуваат податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI). Во април владата најави дека дополнително ќе ги зголеми одбранбените расходи на 3,2 проценти од БДП, со што се приближува кон целта на НАТО од 3,5 проценти. Поради цените на нафтата кои поради конфликтот во Иран се држат близу 100 долари за барел, владата засега му одолева на притисокот за зголемување на субвенциите за гориво. Ова се случува и покрај тоа што Централната банка на Финска забележа раст на трошоците за увоз на енергија од 50 проценти во првите месеци од иранскиот конфликт. Иако преминот кон обновливи извори и пуштањето во употреба на нуклеарниот реактор „Олкилуото 3“ во 2023 година ја ублажија потешката енергетска криза, централната банка во текот на летото предупреди дека трајно високите цени на нафтата и гасот следната година би можеле да го забават економскиот раст и да ја зголемат инфлацијата. Единствена светла точка е успешниот фински извозен сектор, кој бележи силен прилив на нарачки во металната и бродоградежната индустрија. Олапа ја спореди таа динамика со „цутот на Нокија“ и оцени дека постои можност извозот да ја извлече земјата од рецесија, под услов побарувачката од остатокот од Европа да остане силна.

И покрај проблемите со дефицитот, реакцијата на пазарите кон финските долгови досега беше воздржана. Рејтинг-агенциите ги задржаа стабилните изгледи за земјата, со исклучок на агенцијата S&P, која во април изгледите ги оцени како „негативни“, но не го намали самиот кредитен рејтинг. Каматната премија што Финска мора да ја плаќа за десетгодишните обврзници во однос на Германија на 6 октомври изнесуваше 38 базни поени. За споредба, кај Франција таа вредност беше 128, а кај Италија 107 базни поени. Ова покажува дека инвеститорите сè уште го сметаат финскиот државен долг за еден од најсигурните во Европа. Таквата состојба, сепак, важи само додека не се појави нов шок, како што се долготраен раст на цените на нафтата, нова ескалација на конфликтот со Русија или должничка криза во еврозоната со фокус врз Франција.

Финска следниот март би можела десетти пат по ред да биде прогласена за најсреќна земја на светот. Но, со оглед на тоа што еден месец подоцна следуваат избори и соочување со последиците од децениското задолжување, останува отворено прашањето како земјата ќе се справи со претстојните предизвици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс