Во Europe House Струмица од оваа недела, граѓаните имаат можност да ја погледнат патувачката изложба посветена на трансплантација и органодонорство, „Од срце за животот“.
Изложбата ги истакнува делата на професионални дизајнери и средношколци, кои инспирираат надеж и промени, посветени на тема: трансплантација и органодонорство.

Изложбата содржи дела на шест автори – професионални дизајнери и средношколци: Ана Тасева, Гоце Велески, Воскресија Андреевска, Амра Седиковиќ, Давид Манасијевиќ и Адријана Мирчевска, кои беа наградени за своите креативни решенија на конкурсот на тема трансплантација и органодонорство. Од вкупно 120 пристигнати дела, внимателно беа избрани 20 кои нудат единствена перспектива на приказната за органодонорството и трансплантацијата.
Овие дела истражуваат теми како надежта, издржливоста и убавината на давањето, и претставуваат извонреден приказ на креативност и сочувство. Изложбата е значаен потфат во поддршката на системот за трансплантација во Република Северна Македонија. Органодонорството не само што спасува животи, туку и значително го подобрува квалитетот на животот на реципиентите. Со секоја донација на орган/и се отвораат нови можности за живот и здравје за многу пациенти.

На иницијалното отворање на изложбата во „Ист Гејт“ во Скопје, покрај авторите, присуствуваа и бројни гости и поддржувачи. Маја Мојсова Мијовска, националната координаторка за трансплантација, изјави дека трансплантацијата е од суштинско значење за здравствениот систем и дека оваа изложба помага да се подигне свеста за важноста на органодонорството. Таа додаде дека секоја донација е чин на хуманост, кој носи надеж и подобар живот за многу луѓе.

Изложбата, со својата креативност и емоција, успеа да го привлече вниманието на јавноста и да поттикне дискусија за значењето на донирањето органи.
Посетителите во Струмица сега имаат можност да се запознаат со оваа важна тема преку уметноста и да се охрабрат да размислат за дарувањето на органи.