Како да се биде добар родител на ЛГБТИ дете?

Фотографија: Upslon

Дефиницијата за „семејство“, според речник, е дека тоа е заедница на еден или повеќе родители и нивните деца. Сепак, вистинското значење на зборот оди многу подлабоко. Имено, семејството е чувство на лојалност, несебичност, љубов и искрена грижа на една личност за друга. Но, што се случува кога ќе се „аутне“ како дел од ЛГБТИ+ заедницата на своите родители? Дали тука завршува несебичноста и љубовта?

Најпрво, што е тоа „аутинг“? „Аутинг“ се дефинира како сложен развоен процес на интрапсихичко и меѓучовечко препознавање. Со други зборови, тоа е процес во кој личноста ја прифаќа својата сексуална ориентација и ја соопштува на другите. Во исто време, тоа е многу често (ако не и секогаш) животен процес. Поединецот може да биде затворен за важни луѓе во неговиот живот, но може постојано да „излегува“ со нови луѓе со кои се среќава, како што се медицински услуги, нови пријатели и колеги. Но, колку е тоа важно?

Различни студии докажаа дека ЛГБТИ+ луѓето можат да имаат високо ниво на депресија и злоупотреба на алкохол и дрога. Се верува дека хомосексуалците и лезбејките кои го кријат својот сексуален идентитет користат алкохол за да се справат со анксиозноста и депресијата. Покрај депресијата, постои и склоност кон самоубиство. Тенденцијата кон самоубиство се јавува подеднакво кај оние кои не го кријат својот сексуален идентите. Бидејќи реакциите на родителите на „аутингот“ се разликуваат и иако понекогаш тоа е прифаќање, почесто е шок, лутина и тага.

Важно е да се напомене дека самоубиството е еден од ретките феномени што е целосно ослободен од полови, расни, културни, каузални, вредносни, временски и старосни граници. Сепак, податоците на Светската здравствена организација се алармантни: 67,2 отсто од членовите на ЛГБТИ+ заедницата имаат самоубиствени мисли, наспроти 28 отсто од оние со хетеросексуална ориентација.

Фотографија: Flick

Високата стапка на неприфаќање на ЛГБТИ+ лицата од нивните семејства е значително поврзана со полошо ментално здравје. Односно, ЛГБТИ+ луѓето кои се одбиени и неприфатени во семејството имаат 8,4 пати поголема веројатност да се обидат да се самоубијат, 5,9 пати почесто да имаат тешка депресија, 3,4 пати поголема веројатност да користат нелегални супстанции или дроги, во споредба со оние чии семејства имаат високо ниво на прифаќање. Затоа, реакцијата на семејството на искажувањето на сексуалната ориентаиција има клучна улога во менталното здравје на ЛГБТИ+ личноста. Или, менталното здравје е под силно влијание на социјалната и семејната поддршка.

Причините за самоубиство се многу различни, но многу често тоа е некаква форма на насилство во основните семејства или страв во различни форми од родителите. Неповолната реакција на родителите влијае на создавање на „токсичен“ срам кај ЛГБТ+ лицата. Личноста се преокупира со проблеми на неприфаќање од најблиските членови на семејството и се повлекува во себе. Проблемот е општо неразбирање на поимот „насилство“. Насилничкото однесување на родителите се јавува во различни облици: прекин на комуникација, бркање од дома, вербални навреди и физички напади. Она што ретко се препознава како насилство, а всушност е агресивно однесување, е негирање на фактот дека детето е геј (што повторно има фатален ефект врз менталното здравје на ЛГБТИ+ лицата), како и тенденцијата да се однесе детето на лекување. Терапијата за конверзија, односно обид за промена на сексуалната ориентација користејќи психологија или религија, има висока стапка на смртност, односно, голем број корисници на оваа терапија извршуваат самоубиство.

Факт е дека живееме во доминантно хомофобичен свет и дека проблемите се протегаат надвор од семејството и се однесуваат на училиштата, работните места итн. Сепак, родителите се главниот заштитен фактор што ја штити ЛГБТИ+ популацијата од развојни ризици и потенцијални негативни здравствени последици. Доколку семејството е функционално, има потенцијал да ги ублажи негативните влијанија од околината и да ја исполни својата улога, а тоа е да обезбеди стабилност на секој од своите членови. Исто така, искажувањето на сексуалната ориентација може да има ефект на интерперсонално ниво, а придобивката од тоа може да биде зголемување на блискоста во семејните односи.

Како да се зголеми стапката на позитивни реакции од родителите? Родителите, особено во Србија, а и на цел Балкан, каде ова е табу тема долго време, немаат теоретско и практично знаење за ЛГБТИ+ темите. Не знаат кому да се обратат и да ги споделат своите грижи и стравови, а се затвораат во себе, додека чувството на срам им расте. Според истражувањето од 2018 година, половина милион луѓе во Србија се членови на ЛГБТИ+ популацијата. Треба да се има предвид дека оваа бројка е многу поголема, бидејќи се однесува само на оние кои јавно се изјасниле како такви. Затоа, родителите на ЛГБТИ+ децата во никој случај не се сами и не доживуваат некоја ретка појава како што им изгледа. Решението би било да се создаде мрежа за поддршка, чија примарна цел би била да се запознаат родителите едни со други, за да можат да ги споделат своите приказни едни со други. Друга работа би биле едукативните емисии, кои би зборувале за историјата на човечката (но и животинската) сексуалност и објаснуваат дека тоа е уште една природна форма на сексуалност. А треба да се спомене и религиозната страна, односно колку зборовите од Библијата се погрешно протолкувани. На крајот, родителите треба да ја разберат тежината на чувствата на нивните деца и фазите низ кои поминуваат, а тоа е конфузија, обид за споредба со другите, обид да се толерира нивниот идентитет, за само на крајот да дојде до прифаќање.

Фотографија: Flick

Порталот XXZMagazin разговараше неколку луѓе кои јавно ја соопштиле својата сексуалност. Нивните приказни се различни, но сите водат до истото: копнежот за одобрување од страна на родителите. Ацо од Панчево, татко му го исфрлил од дома, а седум години не разговарале. Финансиски му помогнала мајка му и одржувале контакт, но како што вели тој одбива да се сретне со неговиот партнер. Го прашавме што сакаше да слушне од родителите, а никогаш не слушнал?

„Со оглед на целата ситуација, би сакал да слушнам од татко ми дека се уште сум негов син. А што се однесува до мајка ми, таа често се преиспитува и се навраќа во минатото, од периодот на мојата градинка и бара вина во начинот на кој е воспитана. Мисли дека можеби била премногу нежна, дека не требало да ѝ биде смешно што јас ѝ ги облекував чевлите и слично. Би сакал да слушнам од неа дека никој не е виновен, ниту таа, ниту јас. Дека нема вина, дека тоа е едноставно дел од мене“, одговори тој.

Невена од Белград не била одбиена од семејството, ниту пак некогаш била искарана. Сепак, тие не сакале да бидат дел од тој аспект од нејзиниот живот. За нејзината сексуалност никогаш не се зборува во куќата и се надеваат дека сепак ќе биде со маж или сама:

„Сакав да ми кажат дека не се срамат. Отсекогаш се трудев да бидам добра ќерка, но поради мојата сексуалност сигурно не успеав, бидејќи што и да сум направила или постигнала, останува фактот дека тие се срамат што сум лезбијка. Наместо да слушнам дека не се срамат од мене, ми рекоа дека не сакаат никој да знае“.

Милош од Нови Сад ја имал среќата целосно да биде прифатен од семејството кое е блиско и со неговиот партнер:

„Не прифатија веднаш. Ми рекоа дека можеби сум збунет и дека не треба да избрзувам со заклучоци. Но, не чекаа само да размислам дали навистина сум геј или не, туку во меѓувреме се едуцираа на таа тема. И многу брзо ми го кажаа тоа што го посакував, а тоа е дека ме сакаат и дека секој има своја совршена верзија и дека мојата совршена верзија е токму онаа во која сум геј“.

Дали би помогнало ако родителите читаат исповеди слични на овие? Земјите на Балканот, веројатно, се на прагот да ги признае истополовите заедници. Прашањето е колку родители ќе дојдат на тие церемонии? Она што треба да биде еден од најубавите денови во животот на нивните деца, ќе остане во сенка на нивното отсуство. Познато е дека Сара Канингам од Оклахома, мајка на син геј, оди на Парадите на гордоста и им нуди прегратки на насобраната младина, нарекувајќи ја бесплатна мајчинска прегратка. Голем број од оние кои ја прегрнаа потоа и признаваат дека нивните мајки не ги гушкале со години. Сара нуди и присуство на истополови свадби за младенците чии родители одбиваат да присуствуваат. Колку Саро има во Македонија? Дали имаме мајки кои нудат прегратки? Колку мајки во Македонија се подготвени да се борат за животот на своето дете?

Извор: XXZMagazin

е-Трн да боцка во твојот инбокс