Косара Митиќ освои „Златна мимоза“ за режија за филмот „17“

Македонскиот филм „17“ продолжува со фестивалските успеси. Режисерката Косара Митиќ ја освои „Златната мимоза“ за најдобра режија на 39. Филмски фестивал во Херцег Нови.
Фото: СФФ

Наградата за режија Митиќ ја подели со Горан Станковиќ, режисерот на филмот „Оче наш“.

„17“ беше прикажан на летната сцена на Канли кула, како дел од главната натпреварувачка програма во која учествуваа десет долгометражни филмови од регионот.

Долгометражното деби на Косара Митиќ ја следи 17-годишната Сара, која крие тајна за време на училишна екскурзија. Откако ќе стане сведок на сексуален напад врз својата соученичка, двете девојки создаваат врска што засекогаш ќе ги обележи нивните животи.

Филмот отвора теми поврзани со сексуалното насилство, молчењето, траумата и односите меѓу младите. По проекцијата во Херцег Нови, дел од критиката оцени дека „17“ би можел да најде место и во образовните програми за средношколци.

Сценариото го потпишуваат Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ, а главните улоги ги играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска и Даме Јовески. Филмот во Херцег Нови го претставија Митиќ, продуцентот Томи Салковски и дел од актерската екипа.

Наградата доаѓа непосредно по успехот на 32. Сараевски филмски фестивал, каде што „17“ освои четири признанија: „Срце на Сараево“ за најдобра актерка за Ева Костиќ, специјалната награда за промовирање на родовата еднаквост, наградата „Cineuropa“ и наградата од публиката за најдобар игран филм.

Македонската кинематографија освои уште две признанија во Херцег Нови. Теона Стругар Митевска доби специјално признание за продукцијата на „Мајка“, а филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума беше награден за пораката за родова еднаквост и инклузивност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс