Трчањето не е само физичка активност, тоа е внатрешна борба и духовно патување. Во секој километар се кријат и болка и триумф, сомнеж и сигурност, пад и повторно станување. Преку нивните искуства, Сашо Богојевски и Небојша Димиќ ни покажуваат дека трчањето е повеќе од спорт, тоа е начин на живот кој бара дисциплина, посветеност, но и љубов кон себеси и кон патеката пред себе.
Двајца различни луѓе, со различни почетоци, но со иста цел: да ја надминат секоја замислена граница и да покажат дека невозможното е само уште еден предизвик што чека да биде совладан. Нивните приказни не се само сведоштво за човечка издржливост, туку и доказ дека и кога стартуваш како „аматер“, можеш да станеш херој – во својот живот, на патеката, и во очите на оние што ќе те следат.
А трчањето? Тоа продолжува. И утре. И секој ден после тоа. Затоа што за оние кои трчаат со срце – целта не е само финиш линијата, туку секој чекор направен со страст, волја и достоинство.

Почетоците: Од љубопитност до опсесија
„Мојата приказна со трчањето започна пролетта 2017 година. Сосема случајно – излегов да и правам друштво на сопругата“, раскажува Сашо. Како што често се случува, најголемите животни пресврти почнуваат скромно. По неколку кратки тренинзи, сфаќа дека телото му одговара на напорот, а умот – уште повеќе. „Секој следен тренинг беше со по некој километар плус. Започнав срамежливо, но многу брзо се фатив себеси како сакам подолго, побрзо… и со сѐ помал напор.“
Небојша, пак, тргнал од сосема поинаква точка. „На почетокот не можев да сфатам – што ги тера луѓето што ги познавам да стануваат рано и да трчаат, без некоја очигледна цел или итност да стигнат некаде? Ги гледаш – изморени, испотени, а сепак упорно трчаат, како да извршуваат некој ритуал. Тоа ме заинтригира. Сакав и јас да пробам. А посебно мотивирачки беше кога се видов на фотографија на која не можев да поверувам дека сум јас и колку простор зафаќам :). И беше неверојатно тешко. Тоа беше пред 8 години, но го паметам почетокот како да беше вчера. Многу значи подршката од тие кои што веќе трчаат. Желбата да отидеш подалеку и побрзо. Секој ден да си подобар од претходниот.“





Првиот маратон: Соочување со реалноста
Првите маратони се секогаш шок за телото – и за умот. Сашо се сеќава на Љубљана 2018, каде што во последен момент се префрлил од полумаратон на цел маратон. „До тој момент најдолго имав трчано 30 км. Апсолутно не знаев што да јадам, кога, како… Првото искуство беше вистински хорор – но сепак го истрчав. И тоа беше тоа. Запали се оган што нема да згасне.“
За Небојша, тоа бил Сиетл маратон 2017. Без посебна подготовка, низ ридест град, на улиците каде што болката не доаѓа само од физичкото. „Не се сеќавам на многу делови од трката. Но знам дека по неа, цела недела не можев да се движам по скали.“
Патувања, симболи и гордост
Иако трчаат од лични причини, двајцата не ги забораваат корените. „Секогаш трчам со обележје на Македонија – знаме, дрес со име, нешто што ќе покаже од каде доаѓам,“ вели Сашо. И Небојша се согласува: „Особено ми е драго кога ќе ми пријде некој странски тркач и ќе ме праша – каде е Македонија? Или кога ќе го препознаат знамето.“
Горди се што ја носат државата на маратоните со по 50.000 учесници – од Бостон до Њујорк, од Лондон до Сиднеј. „Секој маратон е приказна за себе,“ вели Сашо. „Но Берлинскиот ми е посебен – беше прв од светските големи маратони. Њујоршкиот е спектакл. А Сиднеј – свежо искуство, полно со емоции.“
Небојша не се двоуми: „Бостон. Тоа е најпрестижниот маратон. Самото право да учествуваш таму е резултат на години работа. Маратонот во Бостон е најпрестижен за сите кој се внесени во трчањето на долги патеки. Не е лесно да се земе учество бидејќи треба да ја исполниш временската норма за твојата старосна група на некој претходен маратон кој што е сертифициран за квалификација на Бостон маратон. Треба да се вложи вистински напор и да се тренира многу за да се учествува на маратонот во Бостон.“

Болка, кризи и мотивација
И најдобрите паѓаат. Или барем се колебаат. „На една трка дехидрирав на 30-тиот километар и завршив со часови надвор од патеката,“ признава Небојша. „Не ги прилагодив очекувањата со времето. Телото почна да откажува.“
Сашо, пак, никогаш не се откажал – освен еднаш, поради вирус. „Во тешките моменти се потсетувам на сѐ што сум вложил. На моето семејство што ме бодри. И продолжувам.“
Од сон до реалност
Сега, двајцата се првите Македонци што ги истрчале сите седум големи светски маратони – Берлин, Лондон, Чикаго, Њујорк, Бостон, Токио и Сиднеј. Сон? Реалност. Остварен со километри, со пот, со истрајност.
„Би сакал да истрчам по еден маратон на секој континент (иако мојата првична желба беше да ги истрчам маратоните во сите главни градови на бившо Југословенските републики, но работите многу брзо се сменија односно апетитите пораснаа)…. Се надевам дека многу скоро ќе успеам да застанам на стратните линии на некој од маратоните во Африка или Јужна Америка,“ вели Сашо.

За Небојша, маратонот не е крајна цел. Тоа е патување. „Мојот сон беше да ги истрчам сите шест светски маратони од групата Абботт (Abbott World Major Marathons). Тоа се Бостон, Чикаго, Њу Јорк, Берлин, Лондон и Токио. Оваа година се додаде и Сиднеј на листата. Така да сега се седум големи светски маратони. Јас само што го завршив и седмиот во Сиднеј оваа година. Со Сашо Богојевски кој веќе е суб елитен Македонски маратонец, наша Македонска гордост, станавме првите двајца Македонци кои ги истрчале сите седум големи светски маратони“.
Сашо и Небојша не трчаат за медали. Тие трчаат за слобода. За внатрешен мир. За докажување на самите себе. Нивните приказни се доказ дека со дисциплина, страст и волја – секој човек може да стане нешто повеќе од што мисли дека е. Трчањето не познава статус, титули или совршени услови. Познава само срце. А кога срцето ќе тргне по патека, останува само едно – да го следиш чекорот, и да веруваш дека финишот не е крај, туку нов почеток.