Мечка страв од Марин Бодаков – избор

Препев на македонски: Дарин Ангеловски и Маја Лазаревска

Битката против мене

Во моето минато
истовремено свети црвено
и за пешаците,
и за колите.

Два животa

За да бидам искрен,
сѐ почесто возвраќам со «не знам».
Ја сместив зачуденоста
кај производите за перење,
смиреноста – кај ножевите.

Љубов

Го помнам овој човек,
раната му е како кораб,
коработ му е како покривка,
покривката му е како мочуриште,
мочуриштето како ѕвезда
и ѕвездата како рана.
Човек како човек.

. . .

секој ден
споделувам по една своја тајна
со непознат или пријател
(само така ги обезоружувам и луѓето, и тајните) –
секој ден станувам полесен
за неколку грама смрт…

Попатен манифест

Толку војни,
во кои омразените те повикуваат
да застанеш на нивна страна,
да се вооружиш со нивната навреда,
да ги прифатиш нивните стравови како свои.
Толку многу валкани војни,
во кои нема добри херои –
само справедливци со кои едвај се справуваш.
Толку срамни, лажни војни,
колку сите вешти обиди да те оттргнат
од твојата малечка смешна војна,
од шрапнелите на лутичето и муницијата на глуварчето,
да заборавиш дека стрелаш единствено кон небото –
и никогаш кон луѓе.

Да заборавиш зошто чекориш подгрбавен кон
светилникот,
откако немаш брод.

Марин Бодаков (1971 – 2021) е еден од најпознатите и најзначајните современи бугарски поети.
Носител е на националната награда за литература „Иван Николов“ за 2011 г. Одликуван е со наградата „Рицар на годината“ на асоцијацијата „Бугарска книга“ во категоријата „Печатени медиуми – весници и списанија“ за 2014 г. Лауреат е на Националната книжевна награда „Сеќавање во годината на Константин Павлов“ (2016). Доделена му е Награда за целосен придонес кон бугарскиот книжевен контекст од Националниот центар на книгата и книжевниот збор „Перото“, 2021 (посмртно), националната награда „Христо Г. Данов“ (посмртно) и признанието „Почесен граѓанин на Софија“ (посмртно).

е-Трн да боцка во твојот инбокс