Мета ја лансираше платформата Threads, директната конкуренција на Twitter

Компанијата „Мета“ во чија сопственост се Facebook, Instagram и WhatsApp денес ја лансираше новата социјална мрежа Threads, која треба да биде конкуренција на Twitter. Новата мрежа доаѓа во моменти кога Twitter воведува ограничувања и започнува да наплаќа за користење на дел од услугите кои досега беа достапни и бесплатни за сите корисници.

Апликацијата за Thread може да ја симнете на мобилните телефони преку Apple App Store или Google Play Store, а со пребарување на поимот „Threads“ на Instagram, ќе ви се појави црвен билет, на кој доколку кликнете ќе ви се отвори страницата на Threads.

На Threads ќе може да направите профил со вашето корисничко име од Instagram и веднаш ќе може да ги најдете лицата кои ги следите на Instagram, доколку направат профил и на оваа нова социјална мрежа.

Сепак не сите се така ентузијастични за новата апликација на Threads, поради податоците кои таа ќе ги собира и има за вас. Ако ја погледнете страницата на Apple App Store на Threads, таа потврдува дека следните податоци може да бидат собрани и поврзани со вашиот идентитет; Здравје и фитнес, финансиски информации, информации за контакт, контакт со корисникот, историја на прелистување, податоци за користење, дијагностика, набавки, локација, контакти, историја на пребарување, идентификатори, чувствителни информации и други податоци, пишува IGN.

Лансирањето на Threads, сепак не е глобално и тоа нема да се случи во земјите-членки на ЕУ, поради конфликт поврзан со користењето на личните податоци на корисниците. Главен проблем за лансирањето на социјалната мрежа во ЕУ е имплементацијата на Законот за дигитални пазари на ЕУ, кој содржи одредби за споделување на кориснички податоци помеѓу различни платформи, пишува „The Guardian“. Од компанијата Мета соопштија дека чекаат дополнителни објаснувања од Европската комисија за тоа како овие закони ќе се имплеменитраат пред да ја лансираат платформата во земјите-членки на ЕУ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс