За црквата не се сите луѓе исти, некои се привелигирани, другите треба да умрат, a само тие се богови и они може да бидат педофили и криминалци”. Ова е само една од многубројните реакции на младите кои на твитер и фејсбук реагираа на објавата на Филип Иванов, пасторот на Евангелската црква во Велес, кој во својот текст бара ЛГБТИ луѓето да биле третирани како во Саудиска Арабија – со убиства.

Објавената статија на пасторот Иванов – „Маргинализирани, а поддржани од сите центри на моќ”, е само еден од многуте примери на говор на омраза во медиумите во последниот период упатен кон ЛГБТИ заедницата. Она што инаку е дело кое се казнува, одредени граѓани во земјава го негуваат како искажување на сопствено мислење.
Па така не изостанаа ниту коментарите со говор на омраза кон книгата „Крајот на Еди“ од Едуар Луј која беше промовирана во акцијата „Пола месец книга на пола цена“ од страна на издавачката куќа „Полица“.

Книгата е инаку автобиографски роман и лична исповест на Едуар Луј за трпењето на насилство од страна на родителите, семејството и околината како резултат на неговата различност во рурална Франција, во 21 век.
Најголем дел од коментарите полни омраза на социјалните медиуми се од лица и портали кои наводно се залагаат за „заштита на децата од трансродова идеологија“.
„Полица“ на својот фејсбук профил објави став дека политиката на оваа издавачката куќа секогаш била на страната на заштитата на човековите права и правата на децата.

„Прочитајте ја „Крајот на Еди“ и замислете дека тоа дете е вашето дете. Обидете се да ги отфрлите сите предрасуди и пристапете му на ликот како човек, со цело срце и душа за да го разберете. Ние луѓето не сме правени по калап, сите сме различни и сè додека таа различност не е на штета на некого (кој може да има штета од љубов – во случајов станува збор за тоа) треба да се почитуваме еден со друг и да се сакаме токму поради тоа што различностите нè прават посебни – пишува на на својот фејсбук профил „Полица“.
Во апелот тие велат – читајте за да бидете подобри луѓе и не тргнувајте во виртуелно каменување пред целосно да се информирате зошто го правите тоа.
Прашањето е дали говорот на омраза ќе остане да се критикува само од твитерџиите кои апелираат дека сите граѓани во државата заслужуваат еднакви можности и еднакво почитување на нивните човекови права.