Моркел е како срамежлива птица која бара слобода во природата

„Азбуката на Моркел“ од Стијан Холе на македонски јазик беше објавена како дел од проектот „Пораки на надеж: инспиративна европска литература“ што издавачката куќа Артконект од Скопје го реализира со поддршка од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Наменета е за деца над 7 години.

Пријателство, детска љубов, зборови, птици. Две деца, Ана и Моркел, наоѓаат сопствен мистичен, недокажан и певлив јазик. Тоа е нивната тајна птичја песна, другарување и израз на љубов.

Авторот Стијан Холе е познат во Норвешка поради посебната визуелна естетика на книгите, и поради мајсторството и поетичноста на јазикот, типичен за него. Јазикот е поетичен, на работ на непреведливост, како некаква вселена која самата себе си се гради низ него со кованици, елипси и недореченост. Јазичните игри меѓу Ана и Моркел се како детска игра, но и пубертетска предигра.

Во „Азбуката на Моркел“, Моркел е како срамежлива птица која остава траги зад себе, сакајќи да биде откриена. Моркел е прикриен, како самракот, тој треба да се најде и да се открие. Во самото име Моркел доминира мракот. Ако неговото име би се помакедончило, би се викал Мрачко, или Мрак. Тој има некаква мрачна тајна, нешто од кое што бега во шумата и се крие во куќарката високо на дрвото: сенката на таткото кој е во затвор. Без да се разоткрие приказната за таткото, јасно е дека Моркел е како птица која бега од кафезот на училиштето, која бара слобода во природата и на која ѝ треба некој да ја слушне нејзината мелодија.
Ана, пак, е како ловец, или како истражувач. Нејзината детективска љубопитност ја носи до куќичката на дрвото, до гнездото на Моркел, и тука се развива прекрасно пријателство и дијалози меѓу нив за природата, птиците, годишните времиња. Но, исто како птица преселница, еден ден Моркел исчезнува. Ана останува сама со копнежот да го сретне повторно, да најде доказ дека тој не ја напуштил. Во неа се развиваат чувства и мисли кои ја хранат надежта дека ќе го види повторно.

И, како што пролетта доаѓа по долгата снежна зима, како што птиците преселници се враќаат од југот, така и Моркел повторно се појавува и пријателството продолжува. Стијан Холе успева мајсторски да ја заврши книгата без да ја заврши, читателот останува со впечаток дека една нова приказна е на повидок, без оваа приказна да се заокружи. Ана е лик од претходна книга на Холе, во која тој обработува тешка тема: загуба на родител. Во таа книга Ана ја губи мајката. Во оваа книга, Ана чуствува љубов и надеж, доживува загуба, но и повторно враќање на љубената личност. Како во природата, зимата се заменува со пролет, и птиците повторно ја полнат шумата со прекрасни црцорења, гнезда и пораки. За Моркел, кој е во сенката на родителот во затвор, светот е посветол со Ана.

пишува: Јасминка Марковска, преведувачка на „Азбуката на Моркел“

е-Трн да боцка во твојот инбокс