Најопасните секти во историјата – од најави за апокалипса до убиства и масовни самоубиства

„Кога влегуваат во група која подоцна се покажува дека е култ, луѓето добиваат само селективни, но не сите информации за таа заедница и врз основа на тоа носат одлуки“…

Култ или секта се однесува на луѓе кои следат заедничко верување, без разлика дали се работи за религија, политика или некој друг домен, и често се однесува на помали верски заедници кои се одвоиле од поголемите со нивните учења.

Тие се издвојуваат по нивните харизматични лидери, како и по нивните ентузијасти, често фанатични следбеници. Набљудувачите тешко разбираат зошто следбениците на култот следат такви учења, а поединците најчесто не се сметаат себеси за дел од секта, туку од легитимна заедница која ги исполнува со повисока цел и задоволство.

Покрај харизматичен лидер, сектите често се поврзуваат и со искористување на членовите на таа заедница на различни начини – тоа може да биде финансиски, сексуално, емотивно или друго.

„Кога ќе влезат во група која подоцна ќе се покаже дека е култ, луѓето добиваат само селективни, а никогаш не целосни информации за таа заедница и ги донесуваат своите одлуки врз основа на тоа“, забележува терапевтот Рејчел Бернштајн, која е специјализирана за работа со луѓе кои се опоравуваат од членството во секти.

Култовите обично се претставуваат како организации кои промовираат развој, или преку ветување за просветлување или стекнување вештини кои ќе ги остварат професионалните соништа. Според Рејчел Бернштајн, луѓето кои сакаат да работат на сопствениот развој може да бидат поподложни на приклучување кон култови, како и луѓето кои сакаат да заздрават од детството или минатите трауми и оние кои бараат начин да бидат попродуктивни и поуспешни во нивните кариери.

„Луѓето кои копнеат за подлабока врска со другите, исто така, имаат поголема веројатност да станат жртви на култови, чии водачи го знаат и го користат тоа“, вели Бернштајн, додавајќи дека тоа создава менталитет на толпа и врши дополнителен притисок врз поединците. Според Бернштајн, личноста и целите на поединецот не се единствените фактори кои ги прават ранливи на култови. Тајмингот исто така игра улога, па луѓето во чувствителни или тешки животни ситуации се поподложни на прифаќање на група која безусловно не би ја прифатиле во друг период.

Масовно самоубиство во џунгла

Харизматичниот американски проповедник Џим Џонс е основач на сектата „Народен храм“ и стана познат по тоа што одвел до смрт 914 свои следбеници – од кои 276 деца – откако испиле овошни сокови со цијанид среде џунглата во Гвајана. Оние кои не сакале да го испијат отровот биле принудени на тоа или биле застрелани. Култот е основан во 1955 година во Индијанаполис за да им помогне на бездомниците, невработените и болните, но поранешните членови наведоа широко распространето злоставување во рамките на групата.

Семејството Менсон

Чарлс Менсон беше основач и водач на семејниот култ, кој се залагаше за слободна љубов. Негова цел беа ранливи луѓе и отпадници од општеството. Менсон тврдеше дека ќе има апокалиптична расна војна, поради што им наредуваше на своите следбеници да убиваат жителите на богатите бели населби во Лос Анџелес, при што загинаа најмалку десет луѓе. Во насилството на 9 и 10 август 1969 година загинаа уште седум лица, а меѓу жртвите беше и Шерон Тејт, сопруга на режисерот Роман Полански, која тогаш беше бремена. Менсон никогаш не се покаја и беше осуден на доживотен затвор, а почина во ноември 2017 година, откако беше затворен повеќе од 40 години.

Терористички напад

На 20 март 1995 година, членовите на култот Аум Шинрикио, нејасна религиозна група која веруваше дека на светот му се ближи крајот, извршија напад во метрото кој беше опишан како најлошиот национален терористички напад некогаш извршен на јапонска почва. Во Токио 13 лица загинаа, а повеќе од 6.000 беа повредени кога членовите на сектата ги отруја со сарин, нервен агенс.

Аум Шинрикио, чие име значи „врховна вистина“, започна во 1980-тите како духовна група која ги спои хиндуистичките и будистичките верувања. Основачот на групата, Шоко Асахара, се прогласи себеси за Христос и првиот „просветлен“ по Буда.

Култот брзо привлече илјадници следбеници, меѓу нив и многу научници и истакнати луѓе кои донесоа многу пари. Како што растеше култот, така се зголемуваа и наводите за злоупотреба меѓу следбениците. Асахара, заедно со уште 12 членови на неговиот култ Аум Шинрикио, беше осуден на смрт за серија злосторства во кои загинаа вкупно 27 луѓе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс