На помалку од четири месеци од изборите Бајден се повлече од изборната трка

Фото: The White House, CC BY 3.0 US, via Wikimedia Commons

Актуелниот американски претседател Џо Бајден се повлече од трката за нов мандат на четири месеци пред изборите во ноември, со што ја стави неговата партија во неизвесност за тоа кого ќе номинира да му се спротивстави на поранешниот претседател Доналд Трамп.

„Иако имав намера да барам реизбор, верувам дека е во најдобриот интерес за мојата партија и за земјата да се повлечам и да се фокусирам само на исполнување на моите обврски како претседател во остатокот од мандатот“ вели Бајден во писмото објавено до јавноста.

Бајден се заблагодари на неговата потпретседателка, Камала Харис, за досега сработеното и во посебна објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка за неговата досегашна потпретседателка да биде кандидатот за претседател на Демократската партија во ноември.

Откажувањето на Бајден доаѓа после притисокот од дел од лидерите во неговата партија, организаторите и донаторите кои сметаа дека Бајден нема да може да победи на изборите по дебатата минатиот месец. Лошиот настап на дебатата, придружен со неговите лоши јавн настапи оттогаш, само ги зајакна гласовите дека 81-годишниот претседател е престар за да биде реизбран со мандат од нови четири години.

Одлуката на Бајден да се повлече од трката, иако останува како претседател, е кулминација на неколку бурни недели во американската политика. Трамп, поранешниот претседател и републикански кандидат, за влакно преживеа обид за атентат за време на предизборен митинг во Пенсилванија. Бајден, откако апелираше за смиреност по нападот, минатата недела се врати на кампањата решен да ја спаси својата кандидатура и уште еднаш да докаже дека тие кои се сомневаат во него грешат.

Во јавните настапи, Бајден беше одлучен инсистирајќи дека ќе остане кандидатот на Демократската партија за изборите во ноември, освен ако не е турнат од воз или поради медицински причини. Изминатава недела тој беше дијагнностициран со Ковид.

Фото: Gage Skidmore/Flickr

Националната конвенција на Демократската партија е закажана на 19 август во Чикаго, а откажувањето на Бајден од претседателската трка ја става партијата во непознати води. Новиот кандидат исто така ќе има краток рок да избере и потпретседател, кој ќе се спротивстави на Трамп и неговиот избор Џеј-Ди Ванс.

95 отсто од делегатите кои беа врзани да гласаат Бајден по неговите победи на партиските избори сега ќе може изберат друг кандидат. Околу четири илјади делегати на Демократската партија ќе се соберат во Чикаго за да изберат нов кандидат за претседател, а досегашната потпретседателка Камала Харис е првичен фаворит за да го замени Бајден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс