На 8 јуни (четврток), со почеток од 20:00 часот, театарот „Чекори” премиерно пред скопската публика ќе ја изведе својата нова претстава „Драги уметници”, во режија на Маја Ѓурчевска.
Претставата спаѓа во жанрот крими-комедија и е спој од две едночинки, експериментално поставени во една целина. Пред десетина дена за првпат беше изведена на фестивалот ДАФ во Кочани, каде што освои три награди.
Улогите ги толкуваат Марко Џамбазоски, Даниел Гочевски, Никола Кузманоски, Тамара Стојановска, Никола Димевски, Давид Димоски и Михаил Митевски.
Театарот се наоѓа во скопската населба Автокоманда, во склоп на Домот на култура ,,Димитар Влахов”, а картите можат да се набават на самиот влез, пред почеток на претставата, по цена од 150 денари. Со своето 49 годишно постоење Театар ,,Чекори” е најстариот алтернативен театар во Македонија.
Театар „Чекори“ за време на својата долгогодишна дејност има реализирано низа престстави, во самостојна продукција, но и со поддршка на Општината Гази Баба, Градот Скопје и Министерството за култура на Република Македонија. Театар „Чекори“, ја задржува својата традиција да изведува дела кои не се досега изведувани, или многу ретко, на театарските сцени во Македонија, и на тој начин го продолжува одамна започнатиот процес на континуирано истражување и спојување различни култури и светови, поставување различни жанрови за сите генерации и прертставување непознати, но значајни автори од театарската дејност од Европа и светот.
Во рамките на реализацијата на претставите учествуваат актери со долгогодишно искуство на сцената на Театар „Чекори“, но и на други сцени и во други домени на културното живеење, и млади луѓе кои дебитираат на театарската сцена, кои се едуцираат, забавуваат и ги истражуваат и освојуваат новите универзуми на театарот.