Докторот кој го измами светот за вакцините

Измамата на Вејкфилд веројатно ќе биде запишана како една од најсериозните измами во медицинската историја.

Во 1998 година, Ендру Вејкфилд и 12 од неговите колеги објавија серија на натписи во списанието Lancet, кои сугерираа дека вакцината за морбили, заушки и рубела (MMR) може да претставува предиспозиција за развојно нарушување кај децата (аутизам). Без оглед на малата големина на примерокот (n=12), неконтролираниот дизајн и спекулативниот карактер на заклучоците, статијата доби широка јавна покриеност и стапките на вакцинирање со MMR започнаа да опаѓаат бидејќи родителите беа загрижени за ризикот од аутизам по вакцинацијата.

Оваа публикација беше базирана на набљудувањето на 8 деца со воспаление на цревата. Овие деца добиле вакцина MMR. Доктор Вејкфилд сугерираше дека вакцината предизвикува воспаление и аутизам. Објавувањето на натписот беше проследено со прес-конференција, на која доктор Вејкфилд предложи да се вакцинира поодделно против морбили, заушки и рубела, и да не се користи комбинираната вакцина повеќе. Случајот доби медиумска покриеност во 2001 година кога Вејкфилд објави други статии во кои сугерираше дека вакцината за морбили може да се реплицира во дигестивниот тракт и да предизвика воспаление, особено кај деца со аутизам.

Веднаш по објавувањето, беа спроведени и објавени епидемиолошки студии кои ги отфрлија предложените врски меѓу вакцината MMR и аутизмот. Логиката дека вакцината MMR може да предизвика аутизам исто така беше поставена под прашалник, бидејќи временската врска меѓу двата настани е речиси предодредена: и двата настани, по дизајн (вакцина MMR) или дефиниција (аутизам), се случуваат во раното детство.

Не беше утврдена никаква причинска врска помеѓу вакцината MMR и аутизмот, бидејќи податоците беа неверодостојни.

Медиумите, се разбира, не ги објавија епидемиолошките студии кои покажаа дека вакцината MMR не предизвикува никакво нарушување во менталниот развој на детето.

Вакцината MMR им беше дадена на децата во времето кога аутизмот се дијагностицирал, бидејќи вакцината се дава помеѓу 12 и 18 месеци. Ова беше моментот кога детето започнуваше да зборува и да комуницира вербално. Затоа, беше нормално што деца со развојни попречености беа дијагностицирани во исто време кога ја примале вакцината, како и милиони други деца. Тоа беше само временска коинциденција за несреќните родители на болни деца, а не научна демонстрација на причинска врска. Повторно, стануваше збор за временска коинциденција, а не за каузалност.

Во април 2004 година, новинар од Sunday Times извести дека во 1998 година Вејкфилд примил 55.000 фунти од адвокати кои ги бранеле родителите кои тужеле производители на вакцини. Коавторите на Вејкфилд се повлекоа од статијата, што значеше дека повеќе не ja поддржуваат неговата научна содржина.

Главниот уредник на Lancet изјави дека Вејкфилд требало да го објави својот конфликт на интереси, што би го спречило објавувањето. Генералниот медицински совет (сличен на Conseil de l’ordre des médecins во Франција) започна истрага која доведе до кривична постапка против доктор Вејкфилд во 2007 година. Во 2009 година, истиот новинар од Sunday Times објави дека Вејкфилд манипулирал со податоците за да го напише својот труд. Со други зборови, тој лажел. Генералниот медицински совет го осуди Вејкфилд во 2010 година за неговите нечесни и непримерни медицински практики. Во текот на процесот, Lancet го повлече натписот.

Вакцината MMR за деца е во голема мера докажала дека е безбедна со своето користење повеќе од три децении на милијарди деца. Ова го потврди и магазинот Lancet, но ги ослободи Вејкфилд и неговите колеги од обвинувањата за етички прекршоци и научна несовесност.

Lancet го повлече целосно трудот на Вејкфилд и неговите колеги во февруари 2010 година, признaвајќи дека неколку елементи во трудот биле неточни, спротивно на наодите од претходната истрага.

Вејкфилд и неговите колеги беа прогласени за виновни за етички прекршоци (провеле инвазивни истражувања на децата без да добијат потребни етички одобренија) и научна извртување на податоци (тврделе дека нивниот примерок бил последователен, иако всушност бил селективен). Ова повлекување беше објавено како мал, анонимен пасус во списанието, во име на уредниците.

Измамата на Вејкфилд веројатно ќе биде запишана како една од најсериозните измами во медицинската историја.

Од друга страна, контроверзноста остави свој траен печат и невини жртви. Само помеѓу 1996 и 2002 година, стапката на вакцинираност со MMR паднала од 91,8% на 81% во Англија и Велс. Во некои региони, особено во Лондон, стапката на покриеност паднала на помалку од 60%. Тоа беше доволно за морбилите да се вратат. Во 2006 година, инциденцата на морбили (број на случаи на годишно ниво) беше 37 пати поголема отколку во 1996 година. Во 2008 година, по првпат за 14 години, морбилите повторно станаа ендемски во Англија, предизвикувајќи една смрт на секои 10.000 случаи. Проценето е дека 107.500 луѓе умреле од сипаници во 2023 година – најмногу деца под пет години, иако постои безбедна и ефикасна вакцина. Според СЗО, вкцинацијата ја намалила проценетата бројка на смртни случаи од сипаници од 800.062 во 2000 година на 107.500 во 2022 година.

Според проценка на CDC (Центарот за контрола на болести, Атланта), вакцинирањето против морбили ќе спречило (помеѓу 1994-2013) 322 милиони случаи на морбили, 21 милион хоспитализации и 732.000 смртни случаи, што претставува заштеда на директни трошоци од околу 295 милијарди американски долари.

Антивакциналното движење инаку е инфилтрирано од оние кои го користеле за да ги остварат своите цели. Движењето е базирано на незнаење и упорност, подгревано од дезинформации, политички агенди, недоверба во владата, финансиски интереси, и е имунo на логика и разум. Постојат огромни политички бенефиции кои можат да се извлечат од манипулирање со голем дел од популацијата, при што заедничката недоверба во вакцините е заедничкиот врзивен фактор што се користи за да се води мислењето. Тоа е особено случај во САД каде што судбината на Вејкфилд излегува од неговата контрола. Тој станува зависен од богатите донатори, некои од кои имаат деца со аутизам, кои претставуваат моќен лоби, чии лични трагедии го водат во свештенички фанатизам, кој има цел да ја открие „вистината“ која „тие“ ја кријат, а тоа е дека сите вакцини се опасни. За да добие финансиска поддршка од овие богати донатори, Вејкфилд мора да склучи фаустовски пакт и да ги прифати нивните екстремни ставови за вакцинацијата, изјавувајќи: „Кога би имал бебе, не би ги вакцинирал“, во 2017 година.

Дали безбројните смртни случаи кои произлегуваат од неговото промовирање на несигурноста за вакцините му тежат на Вејкфилд? Очигледно не, кога изјавува: „Не се чувствувам одговорен“.

Последицата на објавениот натпис во Lancet е дека родителите ширум светот не ги вакцинираат своите деца поради страв од ризикот од аутизам, изложувајќи ги на ризиците од болести и добро документираните компликации поврзани со нив. Епидемијата на морбили во Велика Британија во 2008 и 2009 година, како морбили во САД и Канада, беа припишани токму на невакцинирање на децата.

Новиот министер на Трамп Роберт Ф. Кенеди Јуниор е еден од подржувачите на антивакциналното движење

Истражување од 2019 година открило дека организацијата на Кенеди била еден од двата најголеми финансиери на антивакцинални реклами на Фејсбук. Во 2021 година, Центарот за спречување на дигитална омраза го именуваше како еден од топ 12 дистрибутери на онлајн дезинформации за вакцината против Ковид-19.

Особено, „Children’s Health Defense“, антивакциналната непрофитна група што ја водел Кенеди до неговата кандидатура за претседател, ја поплавила Американска Самоа со дезинформации за вакцините пред катастрофалната пандемија на сипаници во 2019 година.

Експертите велат дека со именувањето на Кенеди за прв човек во здравството, вакцините ќе бидат „првото прашање на маса“.

Доктор Мајкл Остерхолм, директор на Центарот за истражување на заразни болести и политики при Универзитетот во Минесота, рече дека дури и ако јавните политики останат непроменети, ако властите со потпишан печат на федералната влада се изјаснат против вакцините, „тоа ги обесхрабрува луѓето кои инаку би биле вакцинирани. Тоа во тој момент тоа е исто како да немаш вакцини воопшто“.

Роберт Ф. Кенеди Јуниор во својата програма исто така предложил да се отстрани флуоридот од водата за пиење, иако нивото на флуорид е регулирано од државните и локалните влади. Тој се противи на преработените храни и употребата на хербициди како што е Roundup и долго време ја критикува големата комерцијална земјоделска индустрија и операциите за хранење на животни што доминираат во индустријата.

Тој исто така сака да отпушти 600 вработени во Националниот институт за здравје, кој го надгледува истражувањето на вакцини, и да ги замени со 600 нови работници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс