Најмалку 27 лица загинаа, а 83 сè уште се водат како исчезнати откако во саботата навечер се преврте патнички траект кај брегот на Гвајана. Од траектот MV Barima биле спасени 69 патници, потврдија властите. Спасувачките екипи, вклучително и нуркачи, продолжуваат со потрагата, а семејствата се повикани да пријават исчезнати лица.
Премиерот на Гвајана, Марк Филипс, изјави дека истрагата за причините за трагедијата е во тек и предупреди дека доколку се утврдат пропусти, небрежност или кривични дела, одговорните ќе се соочат со законски последици. Според официјалниот список, на траектот требало да има 133 лица, но премиерот соопшти дека реалниот број бил значително поголем – околу 179 патници и членови на екипажот.
Министерот за јавни работи на Гвајана, Хуан Еџил, изјави дека операторот на бродот можеби се обидел да ги заобиколи правилата. Тој откри и дека капетанот и најмалку еден член на екипажот биле позитивни на тест за канабис.
„Имаме нулта толеранција за употреба на алкохол или дрога на работното место. Фактот дека капетанот бил позитивен на тест е исклучително сериозен“, изјави министерот.
Траектот потонал за неколку секунди
Траектот MV Barima, долг околу 40 метри и изграден во 1939 година, пловел од главниот град Џорџтаун кон Порт Кајтума на северот на земјата. Повикот за помош бил испратен во 23:01 часот по локално време, по што започнала спасувачката операција.
Преживеаната патничка Елена Мунсами изјавила дека бродот нагло се навалил откако бил погоден од голем бран. Водата веднаш почнала да навлегува, а траектот, според нејзиното сведоштво, потонал за само неколку секунди. Таа успеала да се спаси држејќи се за пловечки предмет, но во хаосот била разделена од своето двегодишно дете.
Во спасувачката акција учествуваат и француски тимови
Од 69 спасени патници, 15 се деца. Тројца преживеани се задржани во болница со полесни повреди, додека останатите се пуштени на домашно лекување. Во потрагата учествуваат државни служби, приватни чамци и тимови од француската војска од соседна Француска Гвајана, кои испратија нуркачи, лекари и технички персонал.
Властите велат дека приоритет останува пронаоѓањето на исчезнатите лица, додека истрагата треба да утврди како дошло до една од најтешките бродски несреќи во последните години во регионот.