Државата со 13 инспектори за екологија: половина капацитет, двојно повеќе проблеми

Во време на алармантни еколошки загадувања, институциите работат со половина од потребниот инспекциски капацитет.

Македонија во моментов располага со само 13 државни инспектори за животна средина, тројца инспектори за природа и двајца водостопански инспектори, за целата територија на државата. Наместо предвидените 50 вработени, Државниот инспекторат за животна средина функционира со 25 лица, од кои дел се административен кадар. Куманово, Струмица, Прилеп и Битола воопшто немаат државен инспектор, а Охрид како регион под заштита на УНЕСКО располага со само еден инспектор.

Оваа бројка станува уште поалармантна ако се има предвид дека Македонија во изминатиот период се соочува со серија еколошки кризи, кои често се третираат како изолирани случаи, наместо како доказ дека државата функционира под континуирана еколошка закана.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, за Мета.мк изјави дека само за Скопје се потребни најмалку десет инспектори. „Повеќе големи општини воопшто немаат инспектор. Успеваме да направиме редовни и вонредни контроли со капацитетите што ги имаме, но ако се случат два инциденти во исто време ќе биде голем проблем“. Таа посочува дека поголемиот дел од вработените се во повозрасни години, дел заминуваат во пензија, а за еден инспектор да почне самостојно да работи потребни се три до четири години.

Инспекторатот веќе доставил барање за осум нови вработувања. Министерот Муамет Хоџа за Мета.мк изјави дека барањето треба да биде одобрено од Министерството за финансии. „Се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со Финансии дека ова прашање мора да биде приоритет“, рече Хоџа за Мета.мк.

Во исто време, буџетот на институцијата е намален. Инспекторатот располага со 35 милиони денари, од кои 85 проценти одат за плати. Дел од возилата што ги користат инспекторите се донации, а во минатото, водостопанските инспектори за одредени контроли морале однапред да ги најавуваат компаниите за да им обезбедат теренско возило.

Додека институционалниот капацитет се намалува, еколошките проблеми се множат.

Во Скопје, изминатите месеци, концентрациите на ПМ10 честички надминуваа 200 микрограми на кубен метар на одредени мерни станици. Во повеќе наврати главниот град беше под „црвен аларм“, со алармантни вредности на ПМ2.5 честички. Децата, повозрасните лица, бремените жени и граѓаните со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања беа изложени на зголемен здравствен ризик, особено при подолг престој на отворено.

Исто така во изминатите месеци, граѓаните протестираа против индустриското загадувањ пред цементарницата „Усје“, обвинувајќи дека институциите не преземаат доволно мерки.

Во Струга, водата за пиење е прогласена за небезбедна поради екстремно висока заматеност, по што се отворори истрага за можна еколошка одговорност. Случајот предизвика оставка од директорот на локалното јавно претпријатие, а институциите започнаа проверки и анализи.

Во Вардар, кај Зелениково, беше забележана густа бела пена што се ширеше по реката. Беа земени примероци за анализа за да се утврди дали станува збор за индустриски отпад или друг вид загадување.

Проблемот не е само во самите инциденти, туку во тоа што секој од нив ја отвора истата дилема: дали институциите имаат доволно капацитет и ресурси за навремена контрола и превенција ?

Државниот инспекторат има обврска да ги следи сите загадувачи со А-интегрирани дозволи, но и над 3600 капацитети што работат со елаборати издадени од Министерството за животна средина. Со моменталниот број инспектори, тоа значи дека секој од нив покрива огромен број субјекти, региони и потенцијални ризици.

Според податоците од Инспекторатот, во 2025 година биле извршени над 1.770 надзори, издадени 530 решенија, поднесени седум кривични и 32 прекршочни пријави, и иницирани казни од над 600.000 евра. Но прашањето што останува е: колку случаи остануваат непроверени?

Загадувањето на воздухот во Скопје, небезбедната вода во Струга и појавите на сомнителен индустриски отпад во реките, не се одвоени случаи, туку дел од поширока слика. Индустриските емисии, управувањето со отпад и надзорот врз капацитетите со дозволи се дел од комплексна слика во која институционалниот надзор игра клучна улога.

Кога системот функционира со половина од потребниот кадар, контролата, сметаат експертите станува реактивна наместо превентивна.

Наместо рано откривање и спречување, често се интервенира откако последиците веќе се почувствувани: преку здравствени ризици, рестрикции, истраги или јавни протести. Секој ден без соодветен надзор значи потенцијален нов проблем: нова небезбедна вода, нов пик на ПМ-честички, нов случај што ќе ја отвори истата дебата.

Во услови кога земјата е меѓу најзагадените во Европа, а поединечни градови бележат алармантни вредности и нарушување на квалитетот на живот, прашањето за инспекцискиот капацитет велат еколозите е прашање на јавно здравје, безбедност и институционална одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс