Салман Ружди

Писателот доби престижна награда за мир во Германија

Популарниот писател и автор на „Децата на полноќта“ и на контроверзниот роман „Сатански стихови“, Салман Ружди е добитник на наградата за мир на германската организација за книжевност, Friedenspreis des Deutschen Buchhandels.

Како што наведуваат од организацијата, Ружди ја добива оваа награди за неговиот нескротлив дух, за неговата афирмација на животот и збогатувањето на светот со неговата љубов кон раскажувањето.

„Од моментот кога неговото ремек-дело ‘Децата на полноќта’ беше објавено во 1981 година, Салман Ружди нè воодушеви со неговите толкувања на миграцијата и глобалната политика. Во неговите романи и книги, тој ја спојува наративната предвидливост со непрекинатата литературна иновација, хумор и мудрост. Неговото дело ја прикажува силата што ја користат угнетувачките режими за да уништат цели општества, а исто така го слават неуништливиот дух на отпор што го покажуваат поединечни човечки суштества“, се додава во соопштението.

Роден на 19 јуни 1947 година, во Бомбај (сега Мумбај), името на Ахмед Салман Ружди е најдобро познато во светот по неговиот роман „Сатански стихови“ од 1988 година, кој предизвика широки бунт во муслиманскиот свет поради неговата приказна инспирирана од животот на исламскиот пророк, Мухамед. Тоа, исто така, го поттикна иранскиот верски водач ајатолахот Рухолах Хомеини да прогласи фатва против авторот.

Тоа доведе до неколку неуспешни обиди за атентат врз Ружди, вклучително и напад во август 2022 година, непосредно пред објавувањето на најновиот роман на Ружди, „Градот на победата“.

76-годишниот писател беше прободен со нож при што заработи тешки повреди. Тој се уште се бори со физичките и психолошките последици од нападот, вклучувајќи го и губењето на видот на едното око.

Ружди беше претседател на Американскиот ПЕН центар од 2004 до 2006 година, а потоа беше и претседател на Меѓународниот литературен фестивал PEN World Voices  цели 10 години.

Авторот неодамна објави дека планира да напише книга за прободувањето во 2022 година. „Тоа не е најлесната книга на светот за пишување, но тоа е нешто што треба да го поминам за да направам нешто друго“, рече тој на Фестивалот Хеј, книжевен настан во Велика Британија, претходно овој месец. „Тоа е нешто што писателите можат да го направат: можат да го надминат она што им се спротивставува“.

Ружди постојано ја нагласува моќта на раскажувањето приказни во неговите дела, кои се преведени на преку 40 јазици. „Градот на победата“, кој се занимава со политичките интриги и религиозниот фанатизам преку приказната за подемот и падот на една феминистичка утопија, завршува со реченицата: „Зборовите се победници“.

Наградата за мир на германската организација, која доаѓа со премија од 25.000 евра, ќе биде доделена на церемонија во октомври за време на Саемот на книгата во Франкфурт.

Наградата, воспоставена во 1950 година, оддава признание на личност посветена да му служи на меѓународното разбирање меѓу народите и културите преку нивната работа.

„Длабоко сум почестен и благодарен за оваа многу важна награда. Можам само да му се заблагодарам на жирито за неговата великодушност. Знам колку е значајна оваа награда и малку сум запрепастен од списокот на претходните добитници, каде сега ќе биде додадено и моето име“ изјавил Ружди.

Минатата година наградата му припадна на украинскиот автор Серхи Жадан. Претходните добитници  ги вклучуваат, меѓу другите, Маргарет Атвуд, Орхан Памук, Сузан Сонтаг, Амос Оз, Вацлав Хавел.

Извор: DW

е-Трн да боцка во твојот инбокс