По втор пат се трчаше Peshtani Extreme Vertical, планинско трчање на Галичица

Изминатиот викенд по втор пат се одржа меѓународниот спортски настан во планинско трчање Peshtani Extreme Vertical, каде што учесниците трчаа по планината Галичица.

Во својата понуда настанот вклучуваше три трки: детска треил трка со старт и финиш во Пештани; вертикал трка со старт во Пештани и финиш на врвот Чумо Влага (1801 м.); и Бајраче треил со старт во Елшани и финиш во Пештани. Бајраче треил беше новитет оваа година и истата е долга 23 километри. Трасата на тркачката патека се движи од Елшани – Црни Камен – Корита – врв Лако Сигној (1973 м.) – врв Бајраче (1924 м.) – Пештани.

Организаторите истакнуваат дека со овие трки се истакнуваат најубавите делови на Галичица со најубави погледи по досега нови и неоткриени патеки. Исто така, целта на тимот при организација е преку вакви настани да се поттикнува спортскиот дух кај месното и поширокото население, како и да се промовира здрав начин на живот.

„Настанот поддржува промоција на спортскиот и планинскиот туризам и има за цел да го интегрира локалното население во своите активности и подготовки. Бројни поддржувачи со донации или преку својата волонтерска вклученост овозможија да се реализира ова дводневно доживување“ велат организаторите.

Севкупни победници на двете трки (вертикал и Бајраче треил) беа:

Во женска конкуренција

1.Елена Ртоска

2.Сања Најдовски

3.Александра Танасоска

Во машка конкуренција

1.Златко Карчески

2.Златко Николов

3.Александар Милески

е-Трн да боцка во твојот инбокс