По кратко боледување, денес на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија, потврди семејството.
Џаровски беше вистинска легенда во својата професија, познат по својата енергија и висок професионализам. Тој беше не само менаџер на најголемите југословенски музички ѕвезди, туку и еден од највлијателните фигури во светот на југословенскиот фудбал.
Џаровски соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, но исто така беше познат како „крал на местенките“ во фудбалот, нешто што самиот никогаш не го криеше и отворено зборуваше за тоа.
Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена се само некои од музичките ѕвезди со кои соработуваше Џаровски и на кои им организираше турнеи. Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.
Со својот несомнен талент и преданост, Џаровски им овозможи на многу музички ѕвезди да заслужат признание ширум светот, а неговата влијателност во фудбалот останува неоспорена. Неговите приказни и легендарни моменти на теренот остануваат вечно запечатени во спомените на сите кои го познаваа.
Со смртта на Велибор Џаровски-Џаро, Македонија загуби еден од најголемите ентузијасти во својата историја. Неговиот придонес за музиката и спортот ќе остане неизбришлив, а неговата легенда ќе живее вечно во срцата на многумина.