Новата и последна песна на Битлси создадена со помош на вештачка интелигенција ќе биде објавена оваа година, објави Сер Пол Макартни. Музичарот рече дека користел нова технологија за да го „извади“ гласот на Џон Ленон од старо демо и да ја заврши песната стара неколку децении.
„Само што го завршивме и ќе биде објавена оваа година“, изјави тој за програмата на Радио 4.
Иако Макартни не го кажа името на песната, најверојатно тоа е композиција на Ленон од 1978 година наречена „Сега и Тогаш“. Демото беше една од неколкуте песни на касетите означени како „За Пол“ што Ленон ги направи непосредно пред неговата смрт во 1980 година, а кои подоцна му беа дадени на Макартни од вдовицата на Ленон, Јоко Оно.

Во голема мера тие биле снимени од Ленон додека свирел на пијано во неговиот стан во Њујорк. Текстот, кој започнува „Знам дека е вистина, сето тоа е поради тебе. И ако успеам, сето тоа е поради тебе“, се типични за љубовните песни што Ленон ги пишуваше во последниот дел од неговата кариера.
Идејата да се користи вештачката интелигенција за да се реконструира демото потекна од осумчасовната епопеја на Питер Џексон, Get Back. За документарецот, уредникот на дијалози, Емил де ла Реј, користеше вештачка интелигенција за да ги препознае гласовите на Битлси и да ги одвои од бучавата во позадина.
Токму овој процес му овозможи на Макартни да пее во „дует“ со Ленон на неговата неодамнешна турнеја, вклучително и на минатогодишниот фестивал во Гластонбери, и за новите миксови на албумот „Револвер“ на Битлси.
„Значи, кога дојдовме да ја направиме последната песна на Битлси, имавме само демо што го снимил Џон и можевме да го земеме гласот на Џон и да го добиеме чист преку оваа алатка со вештачка интелигенција. Потоа можеме да ја измиксаме песната, како што обично би правеле. Така, тоа ви дава некаков вид на слобода“.

„Сега и тогаш“ претходно се сметаше за можна песна за повторно обединување на Битлси во 1995 година. Тројцата преживеани членови на бендот објавија две од песните од касетите на Ленон – Free As A Bird и Real Love – што го означи првиот „нов“ материјал на бендот по 25 години.
Веста доаѓа кога контроверзите околу употребата на музика креирана со вештачка интелигенција продолжуваат да се зголемуваат, кога фалсификати добиваат илјадници прегледи пред да бидат откриени и избришани.
Макартни, кој зборуваше пред претставувањето на новата книга и придружната изложба на фотографии во Националната галерија на портрети, рече дека некои апликации на вештачката интелигенција навистина му даваат причина за загриженост.
„Не сум толку многу на интернет, но луѓето ќе ми кажат: „О, да, има песна каде што Џон пее една од моите песни“, а тоа е само вештачка интелигенција… некако е страшно, но возбудливо, бидејќи тоа е иднината . Треба само да видиме каде тоа води“.
Извор: The Guardian