Пожар во руско-кинески гасен комплекс: Седум загинати и 152 повредени работници

Специјален авион на руските служби за итни случаи пренесуваше дел од тешко повредените во болници ширум Русија, додека спасувачките екипи сè уште трагаат по деветмина исчезнати.

Најмалку седум лица го загубија животот, а 152 се повредени по избувнување на голем пожар на градилиштето на Амурскиот гасно-хемиски комплекс на рускиот Далечен Исток, потврди раководството на фабриката. Меѓу загинатите се шестмина кинески државјани и еден руски работник, додека 36 лица поради сериозноста на повредите се итно хоспитализирани.

Инцидентот се случил во вторникот во помошен погон за пиролиза, каде што специјалистите морале да извршат контролирано согорување на преостанатите индустриски гасови пред пламенот целосно да биде изгаснат.

Комплексот во Амурската област е вреден повеќе милијарди долари и претставува заеднички проект на рускиот петрохемиски гигант „Сибур“ и кинеската државна компанија „Синопек“. Објектот беше во завршна фаза пред почетокот на редовното производство и треба да прерасне во еден од најголемите светски производители на полиетилен и полипропилен со годишен капацитет од 2,7 милиони тони полимери.

Русија при изградбата на капиталните индустриски објекти масовно се потпира на странска работна сила од Кина. Овој инцидент се случува во период кога Москва максимално го забрзува своето економско и енергетско поврзување со Пекинг поради западните санкции.

Рускиот Истражен комитет отвори кривична постапка за да утврди дали станува збор за потенцијално кршење на правилата за индустриска безбедност при работа. Властите на Амурската област соопштија дека локалните мерења не покажале присуство на токсични гасови во воздухот за околните населени места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс