Во среда на 15 мај во 18.00 часот, како дел од проектот „Кадри на ранливост“, во КСП Центар-Јадро ќе се одржи работилница со Експресивна Арт Терапија насловена „Маски во движење“. Фасилитаторка на работилницата ќе биде Ана Тодоровска, психолог, а учеството е бесплатно.
Маски во движење“ е динамична работилница на која преку експресивна арт терапија и комбинација на ликовна уметност, движење и драма, учесниците ќе се впуштат во изработка на сопствена маска од различни материјали.
„Маската како објект е присутна низ различни култури илјадници години и со различни намени – таа може да сокрива или да открива. Во античкиот римски театар, терминот „персона“ се однесува на маска што ја носат актерите за да прикажуваат различни ликови во театарските претстави. Оттаму, во својата теорија позната како аналитичка психологија, швајцарскиот психијатар Карл Густав Јунг, под „персона“ подразбира социјална маска, начинот на кој се претставуваме пред светот со цел да оставиме одреден впечаток“, велат организаторите.
На ова три часовно искуство, преку учество во мала група, учесниците ќе создадат своја маска од различни материјали, ќе ја запознаат и истражат својата социјална маска преку индивидуални и групни вежби, ќе се вклучат во интерактивни сценарија и раскажување приказни и ќе учествуваат во групен процес на креативно самоистражување во сигурна и поддржувачка средина
Работилницата ќе се одвива во четири фази: ориентација, креација, активација, интеграција. Препорачуваме да дојдете во удобна облека која нема да го попречува вашето движење и за која нема да се грижите да ја извалкате.
Претходно искуство и талент за цртање или изведување не се потребни, бидејќи работилницта се фокусира на процесот на создавање, наместо на естетиката на делото. Материјалите се обезбедени од организаторот, но секој учесник е добредојден да ја збогати колекцијата со материјали кои веќе не му се потребни (монистри, скршен стар накит и сл.).