Во македонскиот споменик на културата – црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешок, при спроведување на конзерваторски активности на ѕидното сликарство, потврдено е постоењето на три карактеристични фази на сликарството, вклучувајќи го и сега откриениот најстар слој. Овој трет слој, сместен под слојот од 17 век во олтарот, прикажува целосна фигура на епископ со свиток во раката.

„Ова откритие е повик за акција за дополнително да ги поттикнеме нашите иницијативи за заштита и зачувување на македонското богато културно наследство“ изјави министерката за култура Билјана Костадиновска Стојчевска.

„Оваа година издвоивме 164 милиони денари за заштита на културното наследство. Ние сме целосно свесни и одговорно тврдиме дека ова е скап потфат за кој бара квалификувани професионалци. Надлежните институции и Националниот конзерваторски центар – Скопје, поддржани од средства од Министерството за култура, во изминатите пет години ја имаат во своите приоритети заштитата на оваа црква“, додаде Костадиновска Стојчевска.