Први Мај: Работничките права во Катар после Светското првенство во фудбал

Катарските власти и ФИФА тврдат дека Светското првенство ќе остави трајно наследство на подобри работнички права во земјата и во регионот, но според експертите тоа е малку веројатно, бидејќи дел од реформите заглавија уште пред да почне Светското првенство.

Критиките за условите со кои се соочуваат мигрантите кои работат на турнирски проекти доведоа до промени во политиката во заливската држава. Но, дали тие се успешни и уште поважно, дали ќе траат? Глобалната критика за третманот на стотици илјади работници од земји како Непал, Индија и Бангладеш кои го градеа сонот на Катар за Светското првенство доведе до тоа заливската држава да воведе низа промени во политиката на трудот за кои вели дека го подобриле животот на мигрантите и работната сила. Дали тие промени функционираа и колку е веројатно тие да се одржат по турнирот?

„Светското првенство е како шлаканица на работниците. Сум зборувал со илјадници од нив. Тие не ги знаат своите права; нивните договори се прекршени; има дискриминаторска плата, а потоа клучен фактор е и времето. Луѓето работат на високи температури. Тие се дехидрираат. Работниците умираат во сон. Овие смртни случаи може да бидат предизвикани од работата, а нивните семејства треба да бидат обештетени“ вели Џефри, Кениец, кој работел во Катар три и пол години. Додека беше таму, тој исто така работеше за групата за човекови права Equidem како истражувач и застапник за правата на работниците. Тој беше трипати приведен, а сега е вратен дома, каде што продолжи да застапува за подобри човекови права.

„Сега барем има минимална плата. Порано, немаше шанси да се жалите за вашата плата, но сега знаете дека треба да добивате најмалку 1.000 риали месечно (245 фунти). Проблемот е што е премногу ниско. Премногу ниско. Колку милијарди долари потроши Катар на подготовките за Светското првенство? Минималната плата е капка во морето. Кафала [систем според кој работниците не можат слободно да ги менуваат работните места] беше укината само за два или три месеци. После тоа, овие моќни Катарци кои поседуваат големи компании се пожалија и промените станаа незначителни. Сега мора вашата вашата компанија да ја одобри вашата оставка. Ова е како да го носите системот кафала повторно низ задната врата“ вели Џефри за Гардијан.

Тој кажува дека прв пат бил приведен во Катар поради обидот да ја промени работата, а можел да се справи со таа неправда бидејќи ги знае своите права, но прашува што е со илјадниците работници кои не ги знаат своите права. Џефри открива дека има илјадници луѓе кои се депортирани од Катар бидејќи се обиделе да ја променат компанијата за која што работат.

„ФИФА зборува многу за ‘фер-плеј’. Дали е навистина фер игра кога нема ништо за работниците? Да, многу работници се вработија, но тоа беше под експлоататорски услови. Мислам дека досието за човекови права на една земја треба да биде дел од процесот на евалуација кога се доделува Светско првенство. За ФИФА тоа беше нешто на што им текна отпосле“ заклучува Џефри.

За разлика од него, Макс Туњон, предводникот на  канцеларијата на Меѓународната организација на трудот во Катар вели дека на анкета помеѓу 1000 ниско-платени работници во Катар, 86 отсто одговориле дека промените на законите за труд позитивно влијаеле на нивните животи.

„Промените на системот кафала доведоа до мобилност на работната сила. Сега работниците можат да преговараат за подобри услови, а работодавачите се поттикнати да ги обезбедат за да привлечат и задржат таленти. Воведена е и законска регулатива за минимална плата, за заштита на работниците на отворено во текот на летните месеци и за избор на претставници на работниците мигранти во компаниите. Во текот на изминатите пет години, владата тесно се ангажираше со МОТ [Меѓународната организација на трудот], меѓународните синдикати, невладините организации и други. Имено, персоналот од глобалните синдикати е сместен кај нас овде во Доха, подигајќи ја свеста кај работниците и помагајќи им да ги решат проблемите со кои се соочуваат“ вели Туњон.

Според него постои универзално признание дека работата не е завршена, а според врвните приоритети е да се одговори на компаниите кои се одмаздуваат на некои работници кои сакале да ги променат своите работни места, да се забрза пристапот до правда и наплатата на заостанатите плати, како и да се обезбеди дека законот за заштита на домашните работници е целосно имплементиран.

„Сите ние сме нестрпливи да ги видиме реформите целосно применети и спроведени, но исто така признаваме дека се соочуваме со нови закони и нови институции и со менување на практиките кои се длабоко вкоренети со децении. Светското првенство никогаш не беше финишот, туку клучна пресвртница во долгорочната стратегија на Катар, која вклучува натпреварување за квалификувани работници на сè поглобален пазар“ заклучува Туњон во изјава за Гардијан.

Според Вани Сарасвати, главениот уредник на веб-страницата Права за мигрантите, организација која се залага за правата на мигрантите низ Заливот, вистинскиот тест за Катар следува по Светското првенство.

„Катар направи значителен напредок во однос на реформите во работничките права во изминатите пет години. Во регион непријателски настроен кон интервенциите или критиките на граѓанското општество, Катар се ангажираше со своите критичари. Без сомнение, Светското првенство беше ефективно средство за да го натера да го стори тоа. Кога зборуваме за реформи, имаме две главни компоненти – во принцип, она што донесено и она што е спроведено во пракса. Голем дел од нашата грижа е за второто“ вели Сарасвати.

Според него една од најважните промени е отстранувањето на сертификатот „без приговор“, кој им беше потребен на работниците за да ја сменат работата. Тоа им даде можност на работниците мигранти да влезат на локалниот пазар на труд со подобри можности. Како што вели тој, во првите неколку месеци одлично функционираше системот за промени на работните места, но потоа работодавачите почнаа да се противат.

„Други делови од системот кафала, особено моќта на работодавците да ги пријават работниците како „избегани“, беа злоупотребени за да се држат работниците под контрола, со што во голема мера се негира ефективноста на реформите. Застапниците на статус-квото во Катар продолжуваат да тврдат – слабо, според мене – дека културните промени ќе потраат подолго и она што мора да се цени се измените во законот. Не станува збор за култура, туку за селективни реформи кои сепак му даваат моќ на работодавачот. Вистинскиот тест и вистинската можност за значајна промена ќе се случи по Светското првенство. Немилосрдната – и, понекогаш, неправедна – контрола со која се соочи Катар во последните 12 години значи дека реформите и реакциите првенствено беа насочени кон спречување на критиките, без да се фокусираат на прифаќање и промени во однесувањето на локално ниво. Како резултат на тоа, моќните сопственици на бизниси ги притискаат реформите и продолжуваат неконтролирано со своите експлоататорски практики“ вели Сарасвати.

Тој верува дека Катар нема да уназадува по прогресот и ветувањата дадени по Светкското првенство, но смета дека доколку продолжуваат да се имплементираат реформите ќе биде потребен дијалог од најниско ниво, за да се покаже дека бизнисите нема да загубат доколку се обезбедат човековите права на мигрантските работници.

Пит Патисон, новинар кој го истражува третманот на ниско-платените работници во Катар изминативе десет години смета дека реформите се само фарса.

„Двете водечки реформи за работните права во Катар се воведувањето минимална плата и укинувањето на системот кафала. Првиот е скандал, вториот во голема мера неуспех. Минималната плата е еквивалент на околу 1 фунта на час. Ова е плата за сиромаштија, во една од најбогатите земји во светот по глава на жител. Работодавците исто така мора да обезбедат храна и пансион или дополнителен додаток за да платат за нив. Додатокот за храна е околу 2 фунти на ден. Укинувањето на кафалата функционираше неколку месеци, но денес системот ефективно сè уште е на сила. При моите неодамнешни посети на Катар, речиси секој работник со кој разговарав рече дека не може да ги смени работните места, оставајќи ги на милост и немилост на насилните работодавци“ вели Патисон.

Како што вели тој, реформите започнале да се спроведуваат десет години по добивањето на Светското првенство, откако поголемиот дел од инфраструктурата беше завршен, поради што тој смета дека треба сериозно да се проверуваат изјавите дека системот за работа во Катар е реформиран.

„Изградени се нови работнички сместувања, но многу работници сè уште живеат во сиромашни, преполни студентски домови. Организацискиот комитет на Светското првенство воведе шема за делумно враќање на огромните незаконски такси што работниците се принудени да ги плаќаат за да ги обезбедат своите работни места, но тоа е од корист само на дел од работната сила со ниски плати во Катар. Воведени се регулативи за да се ограничи изложеноста на работниците на зголемените летни горештини, но властите направија малку за да ја истражат ненадејната и необјаснета смрт на илјадници работници. Без обесштетување останаа безброј семејства на загинати работници“ вели Патисон.

Катарските власти и ФИФА тврдат дека Светското првенство ќе остави трајно наследство на подобри работнички права во земјата и во регионот, но според Патисон тоа е малку веројатно, бидејќи дел од реформите заглавија уште пред да почне Светското првенство.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс