„Секој човечки живот е свет“ – Оџата Марем Исмали со силна порака против насилството

По прераната и насилна смрт на 35-годишниот Хебиб, оџата Марем Исмали од џамијата Иса Бег испрати моќна порака до заедницата – порака што повикува на преиспитување, одговорност и итна промена на вредностите во општеството.

Во своето обраќање по петочната молитва, оџата не остана само на зборови на утеха. Тој постави прашања што нè засегаат сите: До кога ќе живееме во страв од насилство? До кога ќе се дозволува бесцелно пукање, газење луѓе, дивеење без последици?

Неговите зборови одекнаа во срцата на присутните, но и пошироко – како апел за враќање на темелните човечки вредности. „Секој човечки живот е свет“, потенцираше Исмали, истакнувајќи дека загубата на еден човек не е само трагедија за семејството, туку за целото општество.

Овој потег на оџата Марем Исмали не е само духовна порака – тоа е силен јавен повик за соочување со вистината. Насилството не е индивидуален проблем, туку колективна рана. Доколку како заедница не преземеме чекори за да ја залечиме, ќе продолжиме да ја губиме младоста, надежта и човечноста.

Прашањето што останува е – ќе го слушнеме ли неговиот повик?

е-Трн да боцка во твојот инбокс