Шпанската полиција го расчистува последниот голем мигрантски камп во Сеута

Повеќе од 500 мигранти, меѓу кои околу 100 малолетници, останале во кампот Ел Гвано. Акцијата се спроведува пред најавената посета на шпанскиот крал Фелипе Шести и кралицата Летисија.
Фото: EPA/REDUAN DRIS

Шпанската национална полиција е распоредена во Сеута за да го расчисти последниот голем мигрантски камп во оваа шпанска енклава на северниот брег на Африка, објави весникот „Ел Паис“, пренесува „Индекс“, повикувајќи се на агенцијата „Анадолу“.

Акцијата се одвива пред најавената посета на шпанскиот крал Фелипе Шести и кралицата Летисија на енклавата. Сеута е една од главните точки на миграциските рути од Мароко кон територијата на Европската Унија.

Повеќе од 500 мигранти сè уште се на терен

Според извештаите, помалку од 1.000 марокански мигранти престојувале во кампот Ел Гвано, откако претходно биле расчистени камповите на плажите Трампoлин и Бенитез. Ел Гвано се смета за последната локација во Сеута со позначителна концентрација на марокански мигранти.

И по полициските акции на плажите, стотици луѓе останале во Ел Гвано, чекајќи автобуски превоз до граничниот премин Тарахал, од каде што можат доброволно да се вратат во Мароко, или упатување во Привремениот центар за помош на странци.

Повеќе од 500 мигранти се задржале на локацијата во последните две недели, меѓу кои околу 100 малолетници. Во меѓувреме, од плажите Бенитез и Трампoлин биле евакуирани околу 1.700 луѓе, од кои, според извештаите, голем дел се одлучиле да се вратат во својата земја.

Се проценува дека стотици мигранти сè уште се движат низ населби во Сеута, меѓу кои Ел Принсипе и Лос Росалес. Не е наведено колку од нив сè уште се без сместување, ниту колкумина се опфатени со актуелната полициска операција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс