Што останува по ЕМОФ 2025?

Во саботата (26.07.2025)  официјално заврши Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ 2025), прв од ваков ранг што се одржал во Македонија. За време на една недела, Скопје беше преполно со млади спортски надежи од 50 европски држави. Камерата на Трн успеа да сними дел од нив, и ако има нешто што обединуваше сè што кажаа – тоа е времето и атмосферата, а понекогаш и – отсуството на организациска логистика.

Загреани од температурите, но и од ентузијазмот

„Не мораш многу да се загреваш, веќе си топол“, изјави фински финалист во трчање на 400 метри со пречки. Температурите над 35°C беа предизвик, но и бенефит за многу од спортистите, кои велат дека мускулите им биле подготвени за акција. Во разговорите за Трн, дел од нив ја пофалија инфраструктурата – особено Градскиот стадион и Олимпискиот базен, нарекувајќи ги „големи, чисти и одлични за трки и пливање“.

Младите спортисти не го запознаа Скопје

Иако Скопје беше спортски центар, малкумина од спортистите видоа нешто повеќе од хотелската соба и стадионот. Повеќето интервјуирани млади гости изјавија дека не пробале автентична македонска храна, не посетиле знаменитости и дека деновите им минале во тренинзи, а вечерите во хотелските соби. Во организацискиот дел немало официјални културни тури или прошетки низ Скопје, што според многумина е пропуштена шанса за градот да се претстави достоинствено.

„Како сардини“ – пропустите кои не можеа да се сокријат

Иако волонтерите – над 700 на број – се покажаа како најсветлата точка на фестивалот со својата енергија и насмевки, организацијата зад сцената имаше сериозни пукнатини. Претходно резервираните сместувачки капацитети на градот не беа доволни, па дел од младите гости спиеја буквално „како сардини“, според сведочења за повеќе медиуми. Храната, исто така, била недоволна или далеку од нутритивен стандард што се очекува за активни натпреварувачи. Несреќата со велосипедистите и падот на гипсениот таван во хотел со 4 ѕвезди само ја запечати сликата на организациски хаос што не може да се игнорира.

Политички тензии под спортскиот вел

Само два месеца пред стартот на фестивалот, организаторите од МОК побарале помош од Министерството за спорт, но, како што изјави скопската градоначалничка Данела Арсовска, Градот не бил повикан да учествува, ниту бил поканет на отворањето. Во една прилично затегната атмосфера, комуникациската неусогласеност помеѓу централната и локалната власт го засени почетокот на ЕМОФ.

Кој ја сноси одговорноста?

Спортскиот систем во Македонија одамна покажува пукнатини — во инфраструктурата, во поддршката, во стручноста. Но сега се покажа дека тие пукнатини се и во човечноста.

Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за млади и спорт, националните спортски федерации и Министерството за спорт се институции што требаше да соработуваат за младите да почувствуваат дека државата стои зад нив. Место тоа, делегацијата била оставена без водич, без координација, без елементарни услови. Родителите алармираа дека децата биле збунети, уплашени, некои дури и плачеле бидејќи не знаеле каде треба да се движат по пристигнувањето. Се појавија сведоштва дека спортската опрема не им била соодветно доставена, а некои останале и без униформи.

Официјалната верзија на Македонскиот олимписки комитет (МОК), како главен организатор, гласи дека „немало доволно финансиска и институционална поддршка од државата“. Во превод: државата не си ја завршила работата. Министерот за спорт, Борко Ристовски, во своето прво официјално појавување по објавата од ЕОК (Европскиот олимписки комитет), делуваше како случаен минувач. Се огради од целата ситуација, тврдејќи дека неговото министерство „не е директно одговорно за организацијата на фестивалот“. Како да зборува за некој случаен спортски турнир во населба, а не за најголемиот младински олимписки настан во Европа, што донесе над 4.000 спортисти и требаше да го постави Скопје на мапата на модерните спортски градови.

Но ајде да не бидеме наивни – МОК не е единствениот виновник. Ако очекуваме само една институција да носи цел државен проект, тогаш сме го изгубиле компасот. Системот е виновен. Сите – од Владата, преку Град Скопје, па сè до јавните претпријатија кои не успеаја да обезбедат основна логистика и инфраструктура.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со неколку празни флоскули и удирање по другите, се обиде да се испере од одговорноста. А токму Градот Скопје требаше да биде клучен партнер – со инфраструктура, поддршка, координација. Но како да очекуваме тоа од администрација која не може да поправи улица или да организира јавен превоз без хаос?

Недостојноста на Скопје како домаќин е директен производ на лошото локално владеење. Градот беше неподготвен – ниту сместувачки капацитети, ниту реконструирани спортски сали, ниту елементарна логистика не беа завршени. Се губеше време во политички надмудрувања, тендерски игри и бескрајна незаинтересираност. Веќе на првите состаноци со Европскиот олимписки комитет беше јасно дека доцниме со сè.

МОК носи одговорност. Но МОК не може да го изгради сам Градски парк, да реновира сали, да обезбеди дозволи и поддршка од десетици институции. ЕМОФ падна затоа што нашата држава не функционира на основно ниво. Затоа што институциите ни се водат како политички плен, а не како сервис на граѓаните и младите. Затоа што спортот не е приоритет, туку само селфи момент за министри и градоначалници кога ќе се освојат медали.

Капралос и Димевски: Реалноста на организацијата

„Никогаш не оди сè како подмачкано“, изјави Спирос Капралос, претседателот на Европските олимписки комитети, признавајќи дека секогаш има и добри и лоши страни во секоја организација. Даниел Димевски, претседател на Младинскиот олимписки комитет, пак, за Трн изјави:

„Не може МОК да ги реши проблемите кои се провлекуваат со децении низ градот и државата – од јавниот превоз до хигиената. Но, успеавме да покажеме дека имаме капацитет, визија и дух.“

Тези за паметење

  1. Македонија покажа топло срце, но недоволна логистика.
  2. Спортот беше на високо ниво – организацијата не секогаш.
  3. Гостите заминаа со медали и спомени, но не и со спомени од Скопје.
  4. ЕМОФ 2025 ја отвори вратата за идни настани, но и за внатрешна рефлексија.

Што останува по ЕМОФ 2025?

Она што остана по фестивалот е едно: македонскиот спорт доби шанса да се позиционира на мапата, но Скопје – како домаќин – мора да учи побрзо, посериозно и поорганизирано ако сака да биде конкурентен за следните европски спортски настани. Дали ќе ја искористиме оваа можност или ќе ја прокоцкаме – тоа ќе го покаже следниот повик за организација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс