Што се случува со Путин по вооружениот бунт на Вагнер?

Доцна во понеделникот, рускиот претседател Владимир Путин јавно се осврна на крајот на бунтот што ја фрли земјата во хаос. Секој обид да се создаде „внатрешен немир“ е осуден на неуспех, рече тој, тврдејќи дека можел да го уништи бунтот, но сакал да избегне крвопролевање.

„Тие сакаа Русите да се борат меѓу себе“, рече Путин во кратката изјави. „Тие ги триеја рацете, сонувајќи да се одмаздат за нивните неуспеси на фронтот и за време на таканаречената контраофанзива. Но, погрешно пресметаа“.

Изјавата на Путин беше само краток увид во официјалниот наратив на властите по вооружениот бунт предводен од Евгениј Пригожин и паравоената група Вагнер. За помалку од 24 часа, борците на Вагнер зазедоа воени постројки на југот на Русија и маршираа кон Москва. Потоа, исто толку нагло, Пригожин го запре тоа движење, тврдејќи дека сето тоа е дел од планот. Кремљ подоцна соопшти дека е постигнат договор – очигледно со посредство на Белорусија – со кој Пригожин ќе избегне гонење во замена за заминување во Белорусија, иако деталите се уште се многу матни и нејасни.

Но, изјавите на Путин во понеделникот вечерта помогнаа малку за да се дојде до одговор на многуте прашања што сè уште се вртат околу бунтот на Вагнер, вклучувајќи го и статусот на самиот Путин.

По запирањето на воениот бунт, Пригожин рече дека не се обидува да направи државен удар; наместо тоа, како што кажа, тој се обидувал да ги спречи неговите војници од Вагнер да бидат апсорбирани од руската војска. Тоа сепак ќе се случи, според Путин, освен ако и тие борци не претпочитаат да одат во Белорусија.

И ова „востание“ беше можеби најголемиот предизвик за рускиот режим во последните децении. Можеби Пригожин не сакаше да го собори Путин, но за 24 часа изгледаше можно дека Путин може да биде соборен. Рускиот претседател покажа дека не е непогрешливиот моќник каков што сака да се претстави.

А сепак, веројатно е прерано да се прогласи за крај на Путин. Бунтот ги покажа пукнатините системот на контрола на Путин и на автократскиот систем што тој го создаде. Тие слабости, на многу начини, веќе беа видливи во неуспесите на Русија во Украина, само овој пат, недостатокот на комуникација и конфузија се случија на домашен терен на Русија.

„Ова ни дава многу информации за неговиот стил на владеење, за кој знаеме дека е под притисок во моментов, и не е целосно рационален“, рече за Путин, Дејвид Сакоњи, доцент по политички науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон. „Но, на крајот од сето ова, тој го елиминираше она што беше една од најголемите закани за власта“.

Сè уште има многу неразјаснети моменти за последиците од авантурата на Пригожин. Бунтот ги разоткри ранливостите во системот на Путин и откри дефект во дел од зделките и пазарењата што го прават овој вид автократски систем функционален. Целиот свет беше сведок на тоа. Но, сведок беше и Путин и како тој ќе одговори може на крајот да одреди колку тој навистина останува ранлив.

Понеделничките изјави на Путин беа први по завршувањето на бунтот на Пригожин во саботата. Рускиот лидер беше донекаде отсутен додека се одвиваше целата епизода на Вагнер, освен изјавите рано утрото во саботата, во кои тој го нарече востанието предавство и рече дека секој што свесно тргнал по патот на предавството „неизбежно ќе биде казнет“.

Но, очигледно белорускиот претседател Александар Лукашенко посредуваше во договорот со Пригожин, конечното решение морало да биде одобрено од Путин. Некои експерти шпекулираа дека Путин можеби не сакал да си ги извалка рацете преговарајќи директно со Пригожин, па затоа ја испратил својата марионета да се погрижи за тоа.

Но, и покрај тоа, Путин беше видно отсутен во часовите по бунтот. Дури во понеделникот, неколку часа откако самиот Пригожин објави аудио порака во која ги повтори причините за бунтот, портпаролот на Путин го најави претстојниот говор на Путин, како говор кој „без претерување ќе ја одреди судбината на Русија“.

Но, говорот на Путин кој следеше не беше за некаква казна за Пригожин, кој дури не го ни именуваше или борците на Вагнер. Путин рече дека бунтот пропаднал затоа што целото руско општество се обединило против него – иако дури и да било така, тоа не беше видливо на улиците низ Русија. Путин, исто така, посочи дека иако бунтовниците сакале крвопролевање, тој сакал да го избегне тоа на руска територија.

Сакоњи вели дека некои проруски пропагандисти користеле ваква терминологија: Секако, за Кремљ беше лоша опција да склучи договор со човек кој само ден претходно беше именуван како предавник. Но, навистина, навистина лошата опција би била хаосот и борбите на улиците на Москва, со слики од Руси како убиваат Руси.

И на чуден начин, Путин се чини дека барем ја испрати популистичката закана што ја презентираше Пригожин, иако можеби тоа не се одвиваше како што беше планирано.

Пригожин во последниве недели до неверојатен степен ја засили својата „кавга“ со руските воени водачи. Во Русија на Путин има простор за различни табори на елити да се борат меѓу себе. И во случајот на Пригожин, неговата критика, барем на почетокот, изврши притисок врз воените генерали, но не и врз неопходноста од војната на Русија во Украина.

Но, Пригожин сепак помина црвена линија, критикувајќи ја оправданоста на војната и елитите кои профитираа од неа. Тој вид на популистички напад не го прави Путин да изгледа како да има контрола. Москва изгледаше како да се обидува да ја ограничи моќта на Пригожин, со обидот да ги принуди борците на Вагнер да потпишат со Министерството за одбрана (наведената причина на Пригожин за покренување на бунтот). Пригожин можеби сфатил дека неговото време истече. Но, сега, се чини, Пригожин барем ќе биде помалку активен и легитимен критичар на воените напори.

Се разбира, веројатно е фер да се каже дека ќе биде прилично тешко Путин само да премине преку се што се случи.

Понеделничкиот говор на Путин можеби беше обид да се зацврсти стабилноста, но не успеа целосно. Никој навистина не ги разбира контурите на овој таканаречен договор со Пригожин, или како на Пригожин му беше дозволено да го истурка ова, навидум фаќајќи ги руските безбедносни служби неподготвени и покрај тоа што западните разузнавачи кажаа дека имале сознанија за тоа што го прави Пригожин. Пригожин всушност сè уште не се појавил повторно, покрај неговите снимени изјави, а како борците на Вагнер, руските војници и јавноста ги толкуваат овие настани е сè уште прилично нејасно. Напорите на Вагнер во Украина и во Бахмут ги издигнаа како херои, а толпата навиваше додека борците на Вагнер го напуштаа јужниот град Ростов-на-Дон во саботата.

Едно од поголемите прашања е како руската елита ќе одговори на ова. Распадот и внатрешните борби се можност, што може дополнително да го поткопа владеењето на Путин.

„Мислам дека се чувствува дека Путин го губи своето моџо, а тој треба да биде оној кој одржува сè во рамнотежа, тој треба да биде оној кој ги штити сите наши интереси“, рече Брајан Тејлор, Руски експерт и професор по политички науки на Универзитетот Сиракуза. „И тогаш, една од неговите креации се врти кон него и се обидува да му ја одгризе раката, а сите треба да се преправаат дека тоа не се случило “.

На многу начини, востанието на Пригожин беше толку шокантно бидејќи неговата позиција беше целосно зависна од Путин. Тој можеби е лидер на групата Вагнер, но тој горе-долу ја доби таа „работа“ поради неговите врски со Путин. Во Русија, особено во Русија на Путин, овие неформални односи се важни и да се има официјална улога во системот не мора да значи моќ и влијание.

Бунтот на Пригожин ги покажа лошите страни на еден ваков систем. Како што забележа Тејлор, некои од борците на Вагнер напредуваа со мал отпор, можеби делумно затоа што никој навистина не разбра што се случува. Пригожин не е шеф на земјата, но „тој ја има оваа врска и со најголемиот шеф од сите. И затоа, можеби јас не треба да правам ништо“, вели Тејлор, „и така сите седеа со скрстени раце додека овој бунт траеше цел ден, бидејќи никој навистина не се чувствуваше овластен да направи нешто за да го спречи“.

Самиот Путин можеби не разбра целосно што тргна наопаку и од каде доаѓаат заканите. „Кога е притиснат со грбот на ѕид, тој го избира подобриот избор од лошите опции пред него“, рече Сакоњи за Путин. „Прашањето е: колку пати можете да се извлечете со избирање на најлошата од двете навистина лоши опции додека сето тоа не се распадне?“

Путин можеби се обидува да ја контролира штетата зад сцената, обидувајќи се да открие кој каде не успеал, што значи дека е малку тешко да се процени релативната неактивност на Путин во моментов. Во минатото, Путин одговараше на предизвиците со репресии и чистки. „Мислам дека треба да видиме: дали ќе има повеќе репресивни мерки? Ќе се тркалаат уште некои глави? Мислам дека сè уште е рано да се каже тоа“, вели Ангела Сент, виша соработничка во Институтот Брукингс и авторка на „Светот на Путин: Русија против Западот и останатите“.

Судбините на највисоките воени лидери, како Сергеј Шојгу, изгледаат сигурни, барем на краток рок. Во спротивно, секое отпуштање може да изгледа како отстапка која се прави поради Пригожин. Во понеделникот, по неговата изјава, на телевизискиот пренос, исто така, беше прикажано дека Путин се среќава со највисоките претставници на одбраната, вклучувајќи го и Шојгу, уште еден очигледен обид да се направи сè да изгледа како вообичаено.

Над сето ова се наѕира руската војна во Украина. Бунтот на Пригожин беше шокантен, но тоа е симптом на поголема дисфункција во Русија, а катастрофалната кампања на Москва во Украина го разоткри тоа. „Огромното прашање што останува е: што се случува на бојното поле во Украина? Тоа е она што или ќе го зачува или уништи овој режим“, рече Анатаол Ливен, директор на програмата за Евроазија на Институтот Квинси за одговорна државност.

Тој рече, зборувајќи со луѓето во Москва, дека постојат два табора кога станува збор за тоа како ќе се одвива војната: „Од една страна, велат тие, не можат да замислат околности во кои Путин би паднал. Но, исто така, велат тие, не можеме да замислиме како Путин би можел да преживее“.

Извор: Vox

е-Трн да боцка во твојот инбокс