Поради големиот потенцијал за инфекција кај луѓето, се препорачува сите кои работат или се во контакт со живина за која постои сомневање дека е заразена со Авијарна Инфлуенца, да носат лична заштитна облека која вклучува и маски за лице, заштитни очила, ракавици и чизми.
Трансмисија на болеста на човек настанува кога од респираторниот секрет или изметот на заразените птици, како и од контаминираните површини се формираат аеросолни честички на вирусот со димензии од околу 10 микрони. Тие движејќи се низ воздушната средина доаѓаат во контакт со лигавицата на носот и очите на експонираните лица или се вдишуваат и на тој начин навлегуваат во белите дробови. Птичјиот грип лесно се пренесува меѓу птиците и поради тоа при сомнение или потврдување на случаи на грип меѓу живината се препорачува нејзино уништување, наспроти економские последици од тоа. Оттука, работниците ангажирани во првата линија на нивното уништување и крајна диспозиција се под зголемен ризик за инфекција.
-Симптоми на болеста се треска, отежнато дишење, дијареја, гадење и општа непријатност. Ретки се случаите на пренос на болеста од живина на човек, но секако се можни. Затоа мора да се следат препораките за заштита, особено кај оние лица кои се во непосреден контакт со заразаеното животно – велат лекарите.
„Со вакцина против сезонски грип треба да бидат вакцинирани сите работници кои професионално доаѓаат во контакт со птичји грип и тоа работниците за кои со сигурност е утврдено дека биле во близок и пролонгиран контакт со инфицирани/заболени птици или контаминирани површини. Исто така секојдневно треба да примаат антивирусни лекови против грип се додека трае контактот“ се вели во препораките на Институтот за јавно здравје.
Од ИЈЗ исто така препорачуваат информирање на сите експонирани лица за да бидат претпазливи во однос на појавата на треска, температура, респираторни симптоми и појава на конјуктивитис или друга инфекција на очите во периодот од една недела по последната експозиција, контакт со инфицирана и заразена птица или контаминирана површина.