Во 2028 година, Скопје ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата. Тоа е голема шанса – но и сериозен предизвик. Како да го брендираме градот преку културата? Како да понудиме содржина што не е само копија, туку оригинален одраз на нашиот дух, нашата енергија и историја? Дали имаме визија и капацитети – и дали знаеме што сакаме да кажеме за себе на светот?
Со овие прашања, разговараме со Русе Арсов, поранешен програмски директор на Младинскиот културен центар – институција која не само што ги преживеала, туку и ги креирала најважните културни движења во Скопје изминативе децении.

Разговорот со Арсов не е само ретроспектива на успешни културни приказни, туку и сериозен аларм – за пропустите, запоставените теми, лошата инфраструктура и незаинтересираноста на властите кога се работи за културата.
Што значи културно брендирање?
„Културно брендирање на еден град не значи само убав логотип и неколку настани. Тоа значи градење на препознатлив културен идентитет кој е автентичен, динамичен и инспиративен за локалните граѓани и привлечен за странците“, вели Арсов.
Во времето кога беше на чело на програмата на МКЦ, неговата визија беше јасна: „Да создадеме простор во кој ќе растат нови генерации, но и да донесеме врвни европски уметници – и тоа го направивме.“

Благодарение на оваа стратегија, МКЦ не само што стана регионално препознатлив, туку и член на Liveurope – мрежа на најзначајни концертни простори во Европа. „Да застанеш рамо до рамо со Кино Шишка од Љубљана, Аполо од Барселона или Акрополис од Прага, без да имаш ни дел од нивниот буџет или техничка подготвеност, е успех кој зборува многу за ентузијазмот, но и за институционалниот инат“, вели тој.

МКЦ – институција што (сѐ уште) значи
МКЦ е клучна точка на скопската културна мапа. Од него почнале или поминале скоро сите значајни културни брендови: Скопски џез фестивал, МОТ, Леб и сол, Мизар, Бернајс Пропаганда, Дарко Митревски, Александар Поповски…
„Не постои друг простор во Скопје кој има толку континуитет и влијание“, вели Арсов. „МКЦ не е институција што треба да ја измислиме. Таа веќе постои. Само треба да се вложи во неа како сериозен ресурс за културно брендирање.“

Големите идеи и немањето услови
Сепак, патот до квалитетна културна понуда е поплочен со препреки.
„Немаме основна инфраструктура, немаме јавен превоз. Од точка А до точка Б, ако немаш сопствено превозно средство, можеш да патуваш и неколку часа низ градот. Тоа е поразително.“
Скопје нема концертна сала со современи капацитети, нема добро дефинирани јавни простори за културни настани, нема поддршка за алтернативен превоз што ќе овозможи децентрализација на културата.
Културата добива најмалку – и покрај тоа што Скопје, Охрид и Битола се градови на фестивали, со долга традиција, културни споменици и приказни што допрва треба да се раскажат.

Културата и туризмот – потенцијал што не го користиме
Културата е двигател на туризмот. „Не мора да одиме далеку – Нови Сад е најдобар пример. Благодарение на Exit, Стеријино позорје и титулата Европска престолнина на културата, градот доби годишна видливост и туристичка привлечност која трае цела година.“
Скопје има сличен потенцијал – но му недостасува визија и стратегија. „Имаме се: историја, локација, културни слоеви, уметници, стари чаршии, подземни сцени, но и ентузијасти. Само треба да се осмисли начинот на кој сето тоа ќе се поврзе, прикаже и презентира.“
Скопје 2028: Тест за градот и државата
Титулата Европска престолнина на културата е можеби најголемиот предизвик што го чека Скопје.
„Ако сакаме да не се посрамиме, оваа титула мора да се разбере сериозно – како можност за долгорочно рестартирање на градот преку културата.“
Според Арсов, три клучни приоритети треба веднаш да се дефинираат:
- Инфраструктура – нови и реновирани културни простори, транспорт, јавен простор;
- Континуирана програма со локални и интернационални партнери – не само за 2028, туку и пред и по;
- Вклучување на уметниците, младите и граѓаните во процесот – децентрализирано, отворено, колективно.
Градот што (сѐ уште) може да никне
Во Скопје, вели Арсов, „сѐ уште има деца кои сонуваат градот повторно да никне.“ Ако им овозможиме простор, поддршка и вистински платформи – тие ќе го сторат тоа.
А дотогаш, треба да почнеме со признавање на она што веќе го имаме – МКЦ, културната историја, уметниците, фестивалите – и да престанеме да се залажуваме дека културата е трошок. Таа е инвестиција во иднината, во имиџот на градот и во неговата душа.