Тројца македонски државјани загинаа, а двајца се тешко повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи на приморскиот автопат во Словенија, помеѓу Унец и Равбаркоманда во правец кон Копер. Несреќата се случила кога комбе со македонски регистарски таблички удрило директно во запрен камион на десната лента. Во комбето патувале пет лица, а сите настрадани се државјани на Северна Македонија.
Според официјалните информации од словенечката полиција, несреќата се случила утрото пред работната зона на автопатот. Камион со странски таблички застанал на десната коловозна лента поради дефект, со вклучени сите четири трепкачи и поставен сигурносен триаголник.
Возачот на комбето со македонски таблички, во кое се наоѓале пет лица, од засега неутврдени причини не успеал да го избегне запреното товарно возило и директно удрил во неговата задна страна. Силината на ударот целосно го уништила предниот дел на патничкото возило.
Лекарите и спасувачките екипи на самото место констатирале смрт кај три лица од комбето. Преостанатите двајца патници се здобиле со тешки телесни повреди опасни по живот и со итна медицинска помош биле префрлени во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана.
Македонското Министерство за надворешни работи преку амбасадата во Словенија стапи во контакт со локалните власти за процесот на идентификација и поддршка на семејствата на настраданите.
Автопатот кон приморјето со часови остана целосно затворен за сообраќај, што предизвика километарски колони. Словенечките медиуми и полицијата регистрираа неодговорно однесување кај дел од заглавените возачи.
Додека интервентните екипи работеа на спасување и извлекување на настраданите, поединци ги напуштаа возилата, се качуваа по заштитните огради, а некои дури ги вртеа своите автомобили во спротивна насока за да излезат од колоната. Словенечката полиција најави строги казни за сите кои ја попречувале итната лента и интервенцијата на службите.