Стрипови од македонски автори во Букурешт

Македонскиот стрип беше претставен на мултимедијална патувачка изложба посветена на Балканот, поставена во Националната библиотека на Романија, во Букурешт. Стрипови на неколку генерации македонски автори: Љубомир Филиповски, Илија Јордановски, Миле Топуз, Драган Ташковски, Диме Иванов-Димано, Дарко Богданов и Александар Стеванов, се само дел од македонските стрипописци во чии неколку стотици стрип-табли ќе можат да уживаат романските вљубеници во деветтата уметност.

Стеванов, кој истовремено е и селектор на македонскиот дел од изложбата, изјави: „Најголемиот дел од македонските стрипови поставени во Букурешт се премиерно објавени во детското списание „Наш свет“, во српската ревија „Никад робом“, во првата македонска стрип-ревија „Макстрип“, а во поново време и како албумски изданија. Бидејќи се со историска тематика,од историските личности во нив се среќаваат Александар Македонски, Хацон, Пребонд, Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, цар Самуил, војводата Ивец, цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Карпош, Сирма војвода и гемиџиите, но и фикциски ликови сместени на историскиот фон. Еден таков лик, Самуиловиот едноок воин Никола, е избран за најемблематичен протагонист од македонските историски стрипови и како таков е отпечатен во реална величина“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс