Во последните неколку години TikTok прерасна во една од највлијателните социјални мрежи во светот, особено меѓу младите генерации. Апликацијата што првично започна како платформа за кратки забавни видеа денес е глобален феномен со над 1.5 милијарди активни корисници месечно. Она што е загрижувачко е дека таа не само што е форма на забава, туку и создава навика и зависност, слична на оние што ги предизвикуваат игри, хазарди или други форми на дигитална стимулација.
КОЛКУ ВРЕМЕ МЛАДИТЕ ПОМИНУВААТ НА TIKTOK?
Истражувањата покажуваат дека тинејџерите и младите возрасни поминуваат огромно количество време на TikTok секој ден.
Според извештајот на Qustodio (2023), децата и тинејџерите поминуваат во просек 112 минути дневно, што е речиси два часа. Анализа во САД потврдува дека средношколците поминуваат приближно 1 час 53 минути дневно на платформата. Во Данска пак 13-годишни деца користат TikTok околу 142 минути дневно. Во Романија, 84.2 % од тинејџерите користат TikTok просечно 2.5 часа дневно.
Трендот во светот е јасен: помладите корисници се најмногу изложени. Возрасната група 13-17 години е најактивна, додека интересот опаѓа со зголемување на возраста. Девојките, според студија од Универзитетот во Каталонија (UOC, 2024), имаат поголема склоност кон прекумерна употреба од момчињата.
Со оглед на тоа дека просечниот млад човек користи TikTok повеќе од два часа дневно, тоа значи дека за една година младите на оваа платформа трошат повеќе од 700 часа, или речиси цели 30 дена будно време.
КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА ЗАВИСНОСТ ОД TIKTOK?
Постои комбинација од технолошки, психолошки и невролошки фактори што ја прават платформата екстремно привлечна. Пред се дизајн и алгоритам
TikTok користи бесконечен скрол и корисникот никогаш не мора да застане, а видеата се вчитуваат автоматски. Алгоритмот користи машинско учење за да ја разбере секоја интеракција (пауза, лајк, време на гледање) и така ја прилагодува содржината што ја прикажува. На тој начин, платформата буквално „го чита мозокот“ и ја доставува најстимулативната можна содржина.
Психолошка потврда е можеби суштинска, особено кај девојчињата. Секој „лајк“, коментар или нов преглед создава чувство на социјална потврда. Кај тинејџерите, ова чувство е особено моќно бидејќи тие сè уште ја градат својата самодоверба и идентитет.
Невролошка подложност е нешто што го објасбуваат лекарите. Мозокот на адолесцентите е сè уште во развој. Префронталниот кортекс, делот што е одговорен за контрола на импулси, се развива до околу 25-тата година. Затоа младите се повеќе подложни на импулсивни одлуки и нагли промени во внимание.
Она што можебие најсуштинско се социјалните фактори. Многу млади корисници ја користат платформата заради пријателите, трендовите и потребата да бидат „во тек“. Во едно истражување, 43.5 % од испитаниците рекле дека TikTok го користат „само за да помине време“.
ДОПАМИН, ЕНДОРФИНИ И „TIKTOK МОЗОК“
TikTok е создаден околу допаминскиот механизам на награда — истиот што се активира при јадење омилен оброк, сексуална активност или добивање награда.
Како функционира допаминот?
Допаминот не е „хормон на среќата“, туку невротрансмитер на мотивацијата. Кога мозокот предвидува задоволство (на пример, ново видео), тој ослободува допамин, што создава очекување и ја зајакнува навиката да се продолжи со гледање. Кратките видеа на TikTok се совршени за ова: секое трае само неколку секунди, секое може да донесе нешто ново, забавно или шокантно — а тоа значи постојани микро-допамински „удари“.
Истражувањата зборуваат за “dopamine feedback loops” – циклус каде што мозокот бара нова стимулација откако претходната се потрошила. Овој процес е сличен на зависностите од коцкање или никотин. Со тек на време, базалните нивоа на допамин опаѓаат, а личноста бара повеќе и поинтензивни стимули за да почувствува исто задоволство.
Ендорфини и емоции
Иако допаминот е централниот фактор, и ендорфините играат улога – тие се поврзани со чувство на благост и релаксација. Кога гледаме смешно или емотивно видео, телото може да ослободи ендорфини, создавајќи краткотрајно чувство на „топлина“ и среќа, што дополнително ја зацврстува навиката.
Што е со феноменот на „TikTok мозок“?
Терминот „TikTok мозок“ го опишува феноменот каде што мозокот станува условен да бара брзи, интензивни стимулации и има потешкотии со долготрајна концентрација. Според студија од 2023 година објавена во NeuroImage, луѓето со зависност од кратки видеа покажуваат изменета активност во деловите на мозокот што се поврзани со одлучување и награда, што е слично на профилите на лица со зависност од дрога или игри.
ПОСЛЕДИЦИ ОД ЗАВИСНОСТА
Зависноста од TikTok не е само прашање на изгубено време, таа има реални психолошки и когнитивни последици.
Пред се намалено внимание и концентрација Околу 68 % од тинејџерите пријавуваат потешкотии со фокус по користење на TikTok повеќе од 2 часа дневно. Интересни, но и загрижувачки се промените во расположението: Корисниците често доживуваат замор, раздразливост или чувство на празнина кога не можат да пристапат до апликацијата. Социјални ефекти не се занемарување, премногу време онлајн може да го наруши социјалниот живот, комуникацијата со семејството и пријателите. Она што страда се и сонот и физичкото здравје. Повеќе од половина млади користат TikTok пред спиење, што ја намалува квалитетата на спиењето и ја зголемува анксиозноста.
ШТО ДА ПРАВИМЕ?
Пред се, да им поставиме временски ограничувања на младите. Апликацијата има вградена опција за ограничување на дневна употреба. МЕкспертите предлагаат и поттикнување офлајн активности кај децата како спорт, музика, уметност, читање. Она на што мора да се работи е и образование за дигитална писменост. Младите треба да разберат како алгоритмите се дизајнирани да ја „крадат“ нивната внимателност. Родителски пример и контрола се клучни. Родителите треба да бидат свесни за сопственото користење на телефони и да поттикнуваат отворен разговор. Во крајна линија потребна е и психолошка поддршка кај млади со симптоми на зависност (анксиозност, изолација, несоница), се препорачува советување со стручно лице.
TikTok е совршено дизајниран за мозокот на адолесцентот: брз, динамичен, наградувачки. Комбинацијата од невролошка ранливост, социјален притисок и технолошки алгоритми создава идеална почва за зависност. Допаминските петљи што се активираат со секој нов клип го тераат корисникот да бара „уште малку“, што доведува до циклус на континуирана стимулација и осиромашување на вниманието.
Во свет каде вниманието станува најскапа валута, разбирањето на допаминската економија на TikTok е клучно – не само за родителите и наставниците, туку и за самите млади. Свесноста, едукацијата и контролата врз сопственото време се првите чекори кон здрава дигитална рамнотежа.