„Тил“ од Даниел Келман е роман објавен како дел од проектот „Пораки на надеж: инспиративна европска литература“ на издавачката куќа Артконект, поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Во романот, Тил е жонглер, акробат и шут, чија брилијантност се должи на посветено и напорно учење и вежбање. Но, Тил не е забавувач само за публиката опишана во романот, туку и за читателите. Тил е сложен лик чија способност да ја согледа измамата на својата ера ќе го чини многу.

„Тил“ е сведоштво за бескрајната талентираност на Келман во креирање моќна книга за еден историски период што е многу комплициран сам по себе и е малку разбран. На многу начини таа Европа разурната од војна, неукост и нетолеранција е рефлексија на времето во кое живееме.
„’Тил’ е величествена приказна… Во овој извонредно напишан роман Келман вешто се движи низ најмрачните човекови искуства. Резултатот е волшебно сеќавање на една безимена душа изгубена во дамнешното европско минато, чијшто шепот најдобро се слуша во митовите.“ – „Њујорк Тајмс“
Преводот на „Тил“ е на Катерина Јосифоска. За својот преведувачки труд таа досега ги добила наградите „Пол Целан“ во 2012 и „Златно перо“ во 2015 година.