Жири комисијата на Драмскиот аматерски фестивал, вчера едногласно ги додели наградите за најдобрите театарски достигнувања во неколку категории на 61 издание на фестивалот.
Наградата во категоријата за претстава за деца и младинци, доби претставата “Валентајн, не благодарам” во изведба на Прва проба од Скопје.
„Првите чекори во театарот се најважни, токму затоа оваа награда се доделува на студиото за актерска игра “Прва Проба” од Скопје. Овие млади идни актери ја пленија публиката со својата искреност, прецизност и телент“, велат од Драмскиот аматерски фестивал.
Награда за визуелни ефекти е доделена на претставата “Убавицата и Ѕверот” на Дом на култура Иван Мазов Климе од Кавадарци. Оваа претстава со комплетниот визуелен ефект, особено со впечатливите прекрасни костими ја остави публиката, а и жирито без зборови.
Наградата во категоријата за колективна игра им е доделена на претставата ”Чернодрински се враќа дома” во изведба на МТЦ Зона од Прилеп, додека пак наградата во категоријата за споредна женска улога ја доби Лана Басаров за улогата Лана во претставата “Тивки Жртви” во изведба на МДПЦ Премиера од Велес.
Наградата во категоријата за споредна машка улога е улогата во претставата “Полански протоколи” во изведба АКУД Ниш, каде специфичниот актерски израз доловува длабоки емотивни состојби, креирајќи лик кој останува запаметен кај публиката и по завршувањето на претставата.
Наградата во категоријата за главна женска улога е доделена на Веда Мавровска за улогата Живка во претставата “Сомнително лице” во изведба на Театарска школа Бабец од Битола. Таа се наградува бидејќи најдобро и најуверливо го толкуваше ликот на Живка. Притоа маестрално ги долови комичните моменти во претставата, како и одличната актерска дисциплина и техника на сцената.
Наградата во категоријата за главна машка улога ја добива Драгослав Бранковиќ за улогата Санда Аризановиќ во претставатa “Аризани” во изведба на Аматерски театар Прокупље од Прокупље. Актерот вешто ја водеше публиката низ историската и семејна трагедија на семејството Аризани предизвикувајќи бура од емоции и сочуство на малиот човек во големите историски примрежја.
Владимир Јованоски за претставата “Момчето со пругасти пижами” во изведба на Летечка театарска трупа Тетово од Тетово, ја доби наградата во категоријата за режија “Борис Стојчев”. Владимир Јованоски вешто ги водеше актерите низ емотивната приказна на претставата “Момчето со пругасти пижами”. Актерската игра, костимографијата и сценографијата беа умешно вклопени во театарската целина оставајќи силен впечаток кој долго ќе се памети кај публиката.
Наградата за Гран При “Васил Ќортошов” за најдобра претстава на 61 издание на Драмскиот аматерски фестивал ја добива претставата “Момчето со пругасти пижами” во изведба на Летечка театарска трупа од Тетово. Претставата “Момчето со пругасти пижами” во сите театарски сегменти: актерска игра, режија и визуелен идентитет беа на највисоко ниво.