Не мора да ја сакаме вештачката интелигенција за да признаеме дека веќе живееме со неа. Таа повеќе не е идеја од иднината, туку реалност што пишува, анализира и влијае врз начинот на кој учиме, работиме и размислуваме. ТРН започна со својот серијал за Вештачка Интелегенција и се обидува да пронајде согледувања кои ќе помогнат да се одговори на едно прашање: дали оваа нова интелигенција навистина ни служи — или нè обликува по свој терк?
Средношколците: генерација што учи со алгоритми
Вештачката интелигенција одамна ја премина училишната врата — не преку наставните програми, туку преку учениците. Според анкетата на „Трн“, 100% од испитаниците средношколци користат некоја форма на ВИ, најчесто ChatGPT, Copilot или Gemini. За оваа генерација, технологијата не е новост, туку природен дел од процесот на учење, како интернетот или пребарувачите пред десетина години.
Половина од учениците (48%) ја користат секојдневно, 41% повремено, а само 10% ретко. Најчести намени се барање информации, подготовка на домашни задачи и креативни проекти. Мал дел ја користат за тестови или трудови, што покажува дека повеќето ја користат како поддршка, не како измама — спротивно од стравовите на некои наставници.
Но токму наставниците се најнеподготвената страна. Во 83% од случаите, ставот кон ВИ „зависи од професорот“, 14% отворено се противат, а само 3% ја поддржуваат употребата. Тоа укажува на системски јаз меѓу генерацијата која расте со технологијата и институциите кои сè уште немаат јасна педагошка рамка за нејзино користење.
Во земји како Финска, училиштата веќе воведуваат часови каде учениците учат како да го прашаат ChatGPT, а не само што да прашаат — развивајќи аналитичко мислење, медиумска писменост и способност за проверка на извори. Такви насоки недостигаат во македонскиот контекст, каде што училиштата сè уште реагираат рестриктивно, наместо интегративно.
Студентите: од интелектуален copy-paste до дигитална самостојност
На универзитетите, ВИ веќе е дел од секојдневието. Според нашето истражување меѓу студенти на возраст од 17 до 21 година, 33% редовно користат AI, 38% повремено, а само 5% никогаш. Најчесто за проверка на факти, анализи, идејни насоки и преводи.
Студентите сè повеќе ја гледаат ВИ како интелектуален сојузник — „тивок ментор“ што секогаш има одговор, но не секогаш ја нуди вистината. Проблемот се јавува кога овој ментор станува замена за мислата. Универзитетските професори предупредуваат на феноменот на интелектуален copy-paste – текстови што изгледаат совршено, но немаат сопствена идеја или анализа.
Вистинскиот предизвик не е во тоа што студентите ќе престанат да учат — туку што ќе престанат да прашуваат. Образованието не смее да се претвори во навигација низ готови одговори. Универзитетите мора да изградат култура каде знаењето не се мери со брзината на генерираниот текст, туку со способноста да се разбере неговото значење.
Македонските универзитети моментално немаат унифицирани правила за користење на ВИ. Дел бараат студентите да наведат дека ја користеле (како цитат во научен труд), други пак сеште не го прифаќааат нејзиното користење. Недостигот на предмети како „Критичко размислување“ или „Методологија на истражување“ уште повеќе ја продлабочува празнината меѓу техничката вештина и вистинската анализа. Без нив, студентите знаат да напишат совршен труд — но не и да постават вистинско прашање.
Професорите: меѓу етиката, недовербата и потенцијалот
Иако младите ја прифатија вештачката интелигенција без отпор, професорите сè уште се на крстопат: некои ја гледаат како алатка за подобра настава, други како закана по академската чесност.
Проф. д-р Боро Јакимовски од ФИНКИ вели дека студентите веќе ја користат ВИ секојдневно и дека нејзиниот потенцијал е огромен – доколку се користи со разбирање и критичка проценка.
„Вештачката интелигенција треба да биде пријател, не замена за мислата,“ објаснува професорот. „Таа може да ја зголеми продуктивноста и квалитетот на решението, но само ако студентот разбира што прави. Инженерството бара креативност и проценка – и токму тука е границата меѓу знаење и зависност.“
Професорите се соочуваат со двоен предизвик: како да ја интегрираат технологијата во наставата, а притоа да ја задржат етичката димензија на знаењето. Недостигот на јасни стандарди во државата, големиот простор за манипулација и отсуството на регулаторни насоки ја зголемуваат недовербата.
Во моментот, повеќето образовни институции немаат официјални политики за користење на ВИ. Тоа создава конфузија: додека некои професори ги охрабруваат студентите да ја користат за истражување, други ја забрануваат целосно, дури и во подготовка на материјали.
Од одбранбен став кон партнерство
Во Европа, универзитетите воведуваат курсеви како „Responsible Use of AI in Research and Writing“, каде студентите учат како да ги користат алатките етички и одговорно. Такви примери би можеле да бидат модел и за македонското образование, каде што е неопходно да се развие култура на критичко размислување и технолошка одговорност.
Зашто, како што вели професор Јакимовски, „вештачката интелигенција може да ги напише речениците наместо нас — но само ние можеме да им дадеме значење.“
Учениците и студентите веќе ја прифатија вештачката интелегенција без двоумење. Потребно е институциите и професорите да се придружат — не со забрана, туку со образование. Обуките за наставници, јасните етички стандарди и вклучувањето на технологијата во наставните планови се првиот чекор кон поодговорна академска средина.
Вештачката интелигенција не е закана за знаењето. Таа е огледало на тоа колку навистина сме подготвени да мислиме.