„Вива Верди“ го отвора годинашното издание на „Бит фест 2023“

Петнаесетото издание на Битолското културно лето оваа година ќе започне на 23 јуни во античкиот локалитет Хераклеја со културниот настан насловен како „Вива Верди“, во кој ќе настапат повеќе од 130 учесници: симфониски оркестар, хор, оперски солисти…кои ќе ги изведат најубавите извадоци од најпопуларните опери на Џузепе Верди како: Травијата, Аида, Моќ на судбината, Набуко, Риголето и др.
Како солисти на концертот ќе се претстават: Горан Начевски, Наде Талевска, Кристијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и прекрасниот сопран – Зана Абази Рамадани.
Понатамошниот програмски концепт, ќе ги вклучи веќе одобрени проекти на традиционалните културни манифестации, како: Солстис, Битола отворен град, Битола Шекспир фестивал, Локум фест, Незаборав, Илинденски денови, за на крај на август повторно во духот на културата која ја негува Битола, да имаме затворање на фестивалот со настан каков што доликува – рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и се извини на сите уметници кои покажале интерес да настапат, но недостигот на поддршка од Советот ги ограничува и финансиските ресурси.
За време на фестивалот ќе се одржат и традиционалните културни манифестации, Солстис, Битола отворен град, Битола Шекспир фестивал, Локум фест, Незаборав и Илинденски денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс