Внимание, внимание, нашата екипа влезе и во најстарото езеро во Европа, во кое имат над 200 ендемски видови, за да анкетира еден многу познат Охридски топчест сунѓер.
Ги прашавме и Охриѓани – дали сте горди на Охридското езеро, и што најмногу ве прави горди? – „Нема човек што нема да е горд на Охридското езеро, најгорд ме прави она што го создала природата“, вели еден граѓанин.
На прашањето „Кои се најскапоцените културни бисери на Охрид – што треба прво туристите да посетат?“, граѓаните наредија цела низа бисери. На прашањето „Како да го заштитиме Охридското езеро?“ – една Охриѓанка вели: „Прво, да не ни го сркате езерото, ако можит, друго, да не ни праите многу ѓубре!“
На прашањето: „Кој е најодговорен за заштита на езерото, неговите ендемски видови, и културното наследство?“, граѓаните велат: „Самите ние… Прво својот двор си го чистиш, па и за комшијата гледаш“; „Требит свеста да се кренит кај граѓаниве дека не требит да го загадуваме, зашто ни е најубо нешто во градов што го имаме“, велат младите Охриѓани.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.