Во најновата анкета на „Внимание, внимание“, објавена на „Трн.мк“, граѓаните коментираат како македонската репрезентација се покажа по фудбалскиот натпревар со Англија. Повеќето граѓани се пријатно изненадени од играта и резултатот, и викаат „браво за дечките“.
Граѓаните сметаат дека имаме добри спортисти, и дека спортистите се наши најголеми амбасадори.
На прашањето дали сме достојни противници на големите држави, како Англија и Италија, има поделени мислења. Некои граѓани сметаат дека сме, дека подобро играме со појаки и го даваме максимумот. Други сметаат дека не сме, само некој пат, и дека со такви репрезентации уште долго нема да можеме да се мериме. Сепак, за некои, нерешениот резултат со Англија и трите гола против Италија е доказ дека сме.
Граѓаните велат дека треба да сме горди на нашите успеси, потсетуваат дека и ракометарите и кошаркарите сите не сплотија со нивните успеси.
Граѓаните даваат различни одговори и на прашањето во кој спорт сме најдобри како држава – борењето, фудбалот, одбојката, најчесто ракометот.
Граѓаните забележуваат напредок во спортот последниве пет години, а најголем напредок во фудбалот, дека имаме најзлатна генерација досега. Но, укажуваат и на слабостите – недостиг на пари, инвестиции и добра спортска инфрастуктура, каде што младите спортисти ќе можат да го докажат талентот.
Нашите спортисти треба да се поддржуваат и кога губат – велат граѓаните. На прашањето – Колку често се радувате на нивните успеси, еден скопјанец кажува: „Стално. И да изгубат, пак се радувам.“
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.