Ден на Европа: Во фокус се климатските промени, се издвојува зелена Словенија

The Berlaymont building lit in green to mark European Green Deal

Денот на Европа е ден за прослава на мирот и заедништвото на европскиот континет. 9 Мај се прославува како Ден на Европа, бидејќи тоа е годишнина од потпишувањето на историската Шуманова декларација која ја насочи Европа кон мир, напредок и политичка соработка. Оваа година, темата на прославата за Денот на Eвропа се предизвиците со климатските промени, особено одржливоста и иновациите.

Токму посветеноста на борбата со климатските промени, зелените политики и политиките на одржливост спроведувани од ЕУ се и дел од причините зошто десетте најзелени земји, со најчист воздух и свесни за климатските промени доаѓаат од Европа. Дека животната средина е високо на агендата на ЕУ сведочи и фактот што токму и едно од поглавјата во процесот на пристапување е целосно посветено на животната средина.

Словенија е свесна за важноста на природата

Како вистинските политики и креирањето на атмосфера на грижа за животната средина од ЕУ влијаат врз реална состојба сведок е Словенија. Оваа држава беше дел од поранешна Југославија, заедно со Северна Македонија, а денес е еден од лидерите во Европа и светот во одржливост и грижата за животната средина.

Словенија претставува позитивен пример за свесност на национално ниво за важноста на природата. Во текот на последните години, ваквиот начин на размислување ја стави Словенија меѓу водечките земји во однос на одржливоста. Сепак, „зелениот менталитет“ не беше чиста случајност пишува „Earth.org“, туку резултат на проактивните политики на земјата што беа спроведени за заштита на високиот биодиверзитет на Словенија и за едукација на нејзините граѓани. Токму овие политики и помогнаа на Словенија да стане една од најодржливите земји во Европа и пример што треба да се следи за остатокот од светот.

Словенија има територија по големина слична на таа на Северна Македонија и разновидна флора и фауна. Иако покрива помалку од 0,004% од површината на планетата, оваа земја располага со околу 1% од биолошката разновидност во светот, вклучувајќи повеќе од 2% од сите копнени видови. Со оваа статистика Словенија има најголема концентрација на животински и растителни видови на квадратен километар во светот.

Природата е заштитена со закони

Сепак, тоа што ја прави Словенија една од најзелените земји во светот е односот на нивната Влада и граѓани кон природата и почитувањето на правилата, законите и директивите за намалување на ефектите на климатските промени и зачувување на животната средина.

Пристапот на една земја кон природата може да се види во количината на законски заштитени подрачја на нејзината територија. Списокот на заштитени подрачја во Словенија е доста долг, бидејќи има 2.260 такви локации, од кои 1.905 локалитети се заштитени според националните закони, додека 355 од нив се класифицирани како локации „Натура 2000“ – мрежа на заштитни области во Европската Унија. Меѓу 27 земји на ЕУ, највисокото учество во „Натура 2000“ има Словенија, со 37,87% од нејзината територија вклучена во овој систем за заштита.

Интересно, разликата во бројот на локации помеѓу двата заштитни ентитета не е толку голема бидејќи 94% од вкупната површина покриена со заштитени подрачја во земјата е преклопување помеѓу „Натура 2000“ и националните локалитети. Во однос на површината на земјата, 40,4% од копното и 2,48% од морето се покриени со заштитени локалитети. Дополнително, според законите донесени од Европската Унија, 232 видови и 60 живеалишта во Словенија се класифицирани како заштитени.

Друг пример за зелениот став на словенечката влада – кој исто така помага да се објасни зошто многумина ја сметаат за една од најодржливите и најзелени земји во Европа – е усвојувањето на забраната од 2021 година за речиси сите пластични производи за еднократна употреба, вклучително и пластични прибор за јадење, чинии, сламки. Забраната се однесува и на пакувањето на храна и пијалоци од експандиран полистирен и други предмети произведени со оксоразградлива пластика.

Овој закон, кој првично беше создаден како директива на ЕУ, воспостави и нови правила за етикетирање на одредени пластични производи за еднократна употреба и нивно пакување, вклучувајќи тампони, влошки, влажни марамчиња, пишува „Earth.org“. Ваквиот одговорен однос кон отпадот е забележлив во Словенија веќе подолго време. Добар пример за тоа е фактот што, во 2014 година, Љубљана стана првата европска престолнина која се обврза да оди на нула отпад.

Со вклученост на граѓаните до поздрава животна средина

Меѓутоа, тука не застануваат напорите на ЕУ и Словенија за заштитата на животната средина и подобрување на квалитетот на живот. Од 2017 до 2022 година, во Словенија се спроведуваше проектот „Life Naturaviva“ кој имаше цел ги открие исклучителните вредности на природата и да ги истакне заканите со кои се соочува биолошката разновидност во Словенија. „Life Naturaviva“ таргетираше различни групи, од деца и студенти до земјоделци и политичари. Кофинансиран од Финансискиот инструмент за животна средина и климатски акции на Европската Унија и словенечкото Министерство за животна средина и просторно планирање, проектот понуди саеми, изложби и еколошки денови, летна школа за ученици, работилници за професори од средните училишта, како и предавања за земјоделците и земјоделските промотори.

Токму овие политики и практики на Словенија, помогнати од Европската Унија се дел од причините што Словенија се смета за најстрасната пчеларска земја во Европската унија, бидејќи има повеќе од 90.000 пчелари – речиси пет на секои 1.000 луѓе – и на иницијатива на земјата, Обединетите нации го прогласија 20 мај за Светски ден на пчелите. Понатаму, лозјата се толку популарни во земјата што има по едно на секои 70 луѓе. И на крај, словенечкото знаме содржи симболи за највисоката точка во земјата – планината Триглав, Јадранското Море, како и нејзините река и потоци.

Со оглед на зелениот начин на размислување на нејзините граѓани, не треба да изненадува што Словенија се смета за една од најодржливите земји во светот. Во 2017 година успешно заврши 96 од 100 детални индикатори за одржливост во однос на животната средина и климата, културата и автентичноста, природата и биолошката разновидност. Дополнително, врз основа на индексот на добра земја, Словенија моментално е рангирана на четвртото место меѓу 169 земји во однос на позитивен придонес кон планетата и климата. Сепак, овие извонредни достигнувања не можеа да бидат можни без зелени политики и зелено образование, некои од аспектите на кои Словенија посвети големо внимание.

е-Трн да боцка во твојот инбокс