Врсничкото насилство – Сериозен проблем кој ескалира со повлекување и изолација

Во денешното општество, социјалните мрежи и брзото темпо на живот создаваат нови предизвици за младите. И покрај зголемената комуникација и едукација за проблемот со врсничкото насилство, статистиките покажуваат дека овој феномен продолжува да ескалира. Сè повеќе деца се повлекуваат во себе, избегнуваат социјални интеракции и не споделуваат свои искуства, што создава загриженост кај родителите и воспитувачите.Оваа ситуација укажува на потребата за поголемо внимание кон семејните односи и времето кое им се посветува на децата. Брзината на животот и борбата за заработка носат свои негативни последици, а врсничкото насилство е само еден од многуте резултати на оваа динамика. Социјалните мрежи дополнително ја комплицираат ситуацијата, создавајќи нереални слики и очекувања кои можат да доведат до губење на самодоверба и намалена желба за интеракција.

Загрижувачки е фактот што многу деца стануваат плен на насилниците, кои своето незадоволство го изразуваат преку агресивно однесување. Овие деца не само што се жртви на насилство, туку исто така се соочуваат со длабоки психолошки последици кои можат да влијаат на нивниот развој во иднина. За да се справиме со овој комплексен проблем, неопходно е да се создадат стратегии кои ќе ги вклучат родителите, училиштата и целата заедница. Само со активна поддршка и свесност можеме да работиме на намалување на врсничкото насилство и создавање поддржувачка средина за нашите деца. Слушањето на нивните потреби и чувства, како и активно учество во нивниот живот, може да биде клучно за спречување на овој срамен феномен.

За подобро да ја разбереме оваа ситуација, разговаравме со Рената Диманоска, лиценциран психолог и гешталт психотерапевт од Центарот за психолошко советување и психотерапија „Свесност“. Таа истакнува неколку знаци по кои можат да се забележат жртвите на малтретирање:

  • Емоционални промени како што се нагли промени во однесувањето, раздразливост, зголемена аксиозност, повлекување или ниска слика за себе.
  • Физички симптоми како што се чести главоболки, болки во стомакот, појава на несоница или кошмари.
  • Потешкотии во училишната средина кои може да се манифестираат преку намален училишен успех, избегнување на училишната средина, чести барања за останување дома со различни типови на оправдувања како што е “не се чувствувам добро” кога треба да се оди во училиште.
  • Телесни повреди како што се необјаснети модринки, гребнатини или зачестено присуство на оштетена облека и изгубени лични предмети.
  • Социјално повлекување кое може да се манифестира со недостиг на желба за социјални акивности, изолација и избегнување на социјални контакти.

Понатаму таа објаснува како родителите можат да забележат дали нивното дете е жртва на „булинг“. „Пред сѐ она што е значајно е набљудување на однесувањето со цел идентификување на одредени промени кои претходно не биле присутни. Многу често децата ни даваат „суптилни“ знаци коисе големо значење како што се ненадејно избегнување на одредени места или поединци, постојана напнатост и вознемиреност после училишните активности, повлекување и изолирање од врсниците, како и избегнување на социјални контакти. Од голема важност е можноста за отворена комуникација, каде детето ќе може да ги сподели своите чувства, искуства и односи со врсниците. Многу позначајни од прашањата поврзани со академските постигнувања како што се „Што направи на тестот?“ или „Што имаш за домашно?“, се редовните прашања од типот „Како си помина денес? “, „Како се чувствуваш?“, „Дали има нешто што те загрижува?“ и слично, кои ќе остават простор детето отворено да се изрази, а со тоа и родителите да препознаат доколку нешто се случува во позадина“.

Сето тоа може да резултира со долгорочни последици врз меналното здравје кај младите луѓе. Еве кои се опасностите објаснува Рената: „Врсничкото насилство и тоа како знае да остави долготрајни последици врз младиот човек, со кои би се соочувал и понатаму во животот. Тука би се насочила на сликата за себе и појавата на намалена самодоверба како и постојано чувство на неприфатеност и несоодветност. Потешкотии во градење на односи со другите, што резултира со избегнување на социјалните интеракции и чувство на осаменост. Потешкотии во академските постигнувања, пад во академските перформанси, откажување и избегнување на формалното образование. Зголемен ризик за појава на депресија, анксиозност, посттрауматски стрес, самоповредување и суицидални мисли што доколку не се навремено препознати може да резултираат со суицид.Во однос на последиците по физичкото здрвје би се насочила на појава на психосоматски заболувања, постојани главоболки, гастроинтестинални проблеми и слично.“

Со оглед на комплексноста на проблемот, важно е да се создадат стратегии кои ќе ги вклучат родителите, училиштата и заедницата во целост. Само така можеме да работиме на намалување на врсничкото насилство и создавање поддржувачка средина за нашите деца. Слушањето на нивните потреби и чувства, како и активното учество во нивниот живот, може да биде клучно за спречување на овој негативен феномен.

Околу стратегиите за справување со булинг во училиштата, таа ја нагласува важноста на постоењето на превентивни програми каде децата ќе можат да се запознаат со тоа што точно претставува врсничко насилство, да го препознаат и да се запознаат со начините со кои можат да се справат со истото. „Исто така доста значајно е обучување на персоналот за идентификација и справување ситуации во кои е присутно врсничко насилство. Пружење на поддршка на кои кои се жртви на врсничко насилство, психолошка поддршка од страна на училишните психолози или доколку е потребно и вклучување на надворешни експерти во областа. Покрај работа со жртвите, од големо значење е и работа со оние кои го вршат насилството, со цел детектирање на причините за таквото однесување и развивање на конструктивни механизми за справување со потешкотиите со кои се соочуваат. Вклучување на децата во активности кои поттикнуваат групна кохезија, тимска соработка, почитување и толернција. Редовна комуникација со родителите, информирање и нивно вклучување во решавањето на потешкотиите“, потенцира Рената.

е-Трн да боцка во твојот инбокс