„Со 65 години и без пензија – тоа што сум сè уште тука, тоа е мојот успех“, изјави Вртев, сведочејќи за сопствениот уметнички пат – самофинансиран, непоткрепен од институции, но цврсто вкоренет во градската поетика.
„Мојата музика не е академска, не е пасторала со реки и шуми – таа е музика на градот“, рече тој, потсетувајќи дека македонската урбана традиција живее веќе седум децении.

За првата фестивалска вечер, Вртев рече дека уметнички била најквалитетната на фестивалот – иако, со доза иронија, додаде: „Можда кичот владее – нека повели“. Но Вртев остана доследен на својата мисија – уметност без компромис, искреност без калкулации.
Од другата страна на емоционалниот спектар – Фолтин.
„Комарците? Веќе сме пријатели“, се пошегува фронтменот Бранислав Николoв, веднаш по настапот. Заедно со перкусионистот Пеце Николовски, ги пофалија пастрмајлијата, публиката и концептот на двете сцени што нудат динамика и филмска драматургија на програмата.

„Не пробав од комарците, тие од мене пробаа… ама од пастрмајлијата – пробав“, вели Пеце низ смеа, а Бане го дополнува:
„Ова веќе не е експеримент. Ова е правило – децентрализацијата е шанса да научиме нешто ново, да ја разиграме цела земја и целата културна сцена.“
Во оваа прва вечер од Д Фестивал – едни се сеќаваа, други се шегуваа, трети свиреа и пееја. Но заедничка беше автентичноста. Беше тоа сцена на отпор, љубов, поезија и смеа – и на комарци, и на пожртвуваност. И сè уште, музиката продолжува да боцка – како вистински трн во инбоксот на нашата совест.