Во Грција се бележи остар пораст на заболени од западнонилска треска, откако во изминатите седум дена се потврдени 75 нови случаи, информираше Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ). Со овој скок, вкупниот број на регистрирани инфицирани лица во земјата оваа сезона се искачи на 232 пациенти.
Здравствените власти потврдија дека досега починале 19 лица, при што сите смртни случаи се кај пациенти постари од 65 години. Моментално во грчките болници се лекуваат 73 пациенти, од кои 26 се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 124 лица досега се испишани од болничко лекување.
Кај поголемиот дел од евидентираните пациенти, односно кај 165 лица, вирусот предизвикал манифестации и компликации на централниот нервен систем. Останатите 67 случаи имале полесна клиничка слика или поминале целосно без невролошки симптоми.
Жариштето на овогодинешната епидемија е регионот на Атика, каде што е забележана значително поинтензивна циркулација на вирусот во споредба со претходните години. Покрај околината на Атина, зголемен број заразени од убоди од комарци се регистрирани и во Тесалија, Централна Македонија, Пелопонез и Централна Грција.
Поради географската близина и секојдневната фреквенција на патувања меѓу двете земји во летниот период, состојбата бара зголемена претпазливост и кај македонските граѓани. Епидемиолозите апелираат на употреба на средства за заштита од комарци, поставување мрежи на прозорците и избегнување застојана вода во дворовите каде што инсектите најчесто се размножуваат.